Вандали ги откорнале и дел ги искршиле мермерните плочки околу постаментите на три „урни“, споменици во рамки на Могилата на непобедените во Прилеп.
Од прилепскиот Завод и музеј веднаш го осудија овој вандалски чин и упатија предупредување до чуварската служба да води повеќе сметка околу заштитата на спомен целината.
-Ова, по се изгледа е намерен вандалски чин и најостро го осудуваме. Очигледно била потребна сила да се откорнат и да се уништат. Апелираме чуварската служба во Паркот на револуцијата да води повеќе сметка за состојбата на споменичните обележја на ова свето место. Како Музеј ќе ги преземеме сите мерки, но мора прво да се детектира состојбата, вели директорот на музејот Горан Цветкоски.
Заводот и музеј од Прилеп лани во пресрет на националниот празник, „11 Октомври“ го заврши проектот со обнова со мермерни плочки околу постаментите на спомениците – Урни на Могилата на непобедените и уредувањето на патеките и обновувањето на одредени оштетувања околу бистите на народните херои во Алејата на народните херои, што е дел од комплексот Парк на револуцијата.