По неколкумесечно одложување, Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска треба да гласа за големиот пакет помош за Украина, Израел и Тајван, вреден 95 милијарди долари, како и за евентуалната забрана на ТикТок во САД.
Предлог-законите се резултат на повеќемесечни тешки преговори меѓу демократите и републиканците, како и притисокот од сојузниците на САД и постојаните молби за помош од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Законите, сепак, сè уште имаат гласни противници во Конгресот, а надежите за усвојување зависат од кревката двопартиска коалиција која се обидува да ги надмине големите процедурални и законодавни пречки, пренесува Би-Би-Си.
Спикерот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон изјави дека е решен да ги поднесе законите на гласање, и покрај фактот што радикалните републиканци може да побараат негово разрешување.
Предлогот предвидува 60,8 милијарди долари помош за Украина, 26,4 милијарди долари за Израел и 8,1 милијарди долари за индо-пацифичкиот регион, вклучувајќи го и Тајван.
Претставничкиот дом ќе гласа за секој предлог-закон поединечно, што значи дека некои може да поминат, а некои не.
Претседателот Џо Бајден и демократските пратеници во Конгресот со месеци се залагаат за нов голем пакет оружје за Украина, но републиканците под влијание на нивниот претседателски кандидат Доналд Трамп, ја условуваа помошта.
Со усвојување на законите, исто така, ќе му се овозможи на Бајден да конфискува и продава руски имот, а средствата да ги намени за помош на Украина, потег што беше прифатен и од другите земји од Г7.
Претставничкиот дом ќе ја разгледа и предложената законска одредба со која треба да се принуди ТикТок да се откаже од кинеската матична компанија ByteDance или ќе се соочи со забрана во САД, каде што има околу 170 милиони корисници.
Белата куќа соопшти дека „силно го поддржува“ вкупниот пакет помош и оти Бајден ќе ги потпише законите веднаш штом бидат усвоени од двата дома на Конгресот.
Тоа би можело да се случи за неколку дена, бидејќи лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, вети дека Сенатот со мнозинство од демократите брзо ќе преземе мерки штом бидат усвоени од Претставничкиот дом.
Сепак, политичките аналитичари во САД оценуваат дека усвојувањето на законите во Претставничкиот дом, би можело да го чини спикерот Мајк Џонсон губење на спикерското место. Неколку екстремно десничарски републикански пратеници предупредија дека може да го соборат Џонсон поради поддршката на нацрт-законите.са/
Фото: МИА архива