Отец Ивица ТОДОРОВ
Најчесто така се доживувам, како фрлен, како ставен во игра без правила, цел и победник!
Најчесто, ама воопшто не ми се игра, но околу мене играта, и тоа сурово се игра, онака без правила, цел и победник!
И сега што? И сега зошто? И сега како?
Можеби она што јас го разбирам како игра и не е игра или некаков тест, туку борба на слепородени кои тонејќи во кал, онака слепо се борат за парче цврсто очекувано тло!
Тој внатрешен закон, или тој внатрешен поредок, или тој внатрешен утешувачки глас, или таа светлина жива разлеана, или она што го нарекуваме совест, или она што не одржува во сознание и познание, или она што го прифаќаме како живо и живот, или она што ни е подарено, природено, природно прифатено, е баш тоа не ми дава спокој, е баш тоа ме бутка во строј, е баш тоа ми отвара очи и ме тера да гледам неспокој!
Велат некои, што смртта ја ископале од себе, дека насекаде околу нас има само спокој, има само мир долг, долг како бескрај, како хоризонт во кој се спојуваат две ништа во вечно нешто во кое сештото сее радост за нештото да не биде ништо!
Пред некој ден се шетав, тука некаде, не така далеку, некои луѓе си пееа песна, пееа заедно, онака весело!
И така, во мојот чекор се всели насмевка, се всели решеност ништо да не решавам зашто немам задача туку звуци и сигнали, скинати конци и по некоја воздишка, по некоја солза, по некоја крваво обоена роза, по некој жив сончев зрак, по некој умирувачки мрак и се така до следната епизода!
И сега што? И сега зошто? И сега како?
Можеби она што јас го разбирам како живот и не е живот или некаква проверка, туку процес на звук кој се претвара во слатка мелодија која душа развеселува и од ништото не оделува!