Одбојкарската репрезентација на Македонија синоќа не стигна во Скопје по инцидентот што го имале во авионот кој полетал од Цирих, а потоа се вратил назад и принудно и безбедно слетал, објави спортскиот портал Екипа.

Одбојкарите вчера полетаа и се враќаа во Македонија по настапот на Златната лига во Белгија, а летот од Цирих до Скопје неочекувано бил запрен по ударот на гром при летот.

Поради ова, пилотот решил веднаш да се врати назад во Цирих каде принудно слетал, за среќа без посериозни проблеми. Нашите одбојкари биле сместени во хотел и денеска изутрина со нов лет доаѓаат во Скопје.

– Навистина неверојатна ситуација, додека летавме со авионот удри гром во него и пилотот реши да се врати во Цирих. Не беше пријатно кога слушнавме што се случи, видовме силна светлина во непосредна близина, вели за Екипа капитенот Никола Ѓоргиев.

Потсетувањето на бројните случки и проблеми во патувањата од пред десетина години донесоа и експресен одговор од најдобриот македонски одбојкар.

-Се за Македонија. Така било, така и ќе биде. Ние не се откажуваме, ништо не може да ја запре оваа наша репрезентација, порачува Ѓоргиев.