Лидерот на албанската опозициска Републиканска партија, Фатмир Медиу оцени дека состојбата во правосудниот систем во земјата е без преседан.
Обраќајќи се на Собранието на партијата, Медиу, кој е поранешен министер за одбрана, повикувајќи се на состојбата во Врховниот и во Уставниот суд, кои подолг период не функционираат, поради непоминување на судиите во процесот за проверка на потеклото на имотот и вмешаност во криминални активности, тој рече дека состојбата во Албанија е полоша од која било европска земја.
– Повеќе од една година немаме Уставен суд како ни една друга европска земја и целата моќ на овој суд е узурпирана од мнозинството и премиерот, нема никаков филтер за уставноста на законодавството во Албанија. Повеќе од една година сме без Врховен суд и денес има околу 30.000 неразгледани предмети, отворено кршејќи ги правата на граѓаните, посочи Медиу.
Според него актуелната состојба во Албанија е алармантна, организираниот криминал ја заробил државата, а младите се принудени да ја напуштаат земјата.
– Албанија и албанската нација се на крстопат и критичните случувања кои се создадени од политиката на Владата, која ја задави нашата европска иднина. Кога Европа ги кажува проблемите што ги имаме, што во суштина се многу посериозни од она што го велат, за премиерот (Еди Рама) Европа не не разбира, прејудицира, истакна Медиу, кој ја обвини Владата за тешката економска состојба, сиромаштјата, непочитување на правата на граѓаните.
Тој се осврна и на протестите на жителите од населбата „Астир“, чии домови треба да се урнат поради изградбата на големата обколница во Тирана, и побара од премиерот Рама, Владата да ги обешетат граѓаните според пазарна вредност.
– Денес не сме уставна Република, туку банана Република. Рама вети легализирање на секој бесправно изграден објект, а од друга страна сега кон нив се обраќа со навредливи зборови. Владата треба да ги обештети според пазарна вредност наведе Медиу.
Тој смета дека актуелната влада е најанталбанска и најантиевропска во текот на транзицијата.