АМЕРИКАНСКИ СЕНАТОР: Украина користеше оружје од САД за напади на Русија

/ 05.06.2024

Украина користела американско оружје за да изврши напади во Русија во последните денови, изјавија за АП американски сенатор и западен функционер запознаени со ова прашање.

Оружјето било користено според неодамна одобрените упатства на претседателот Џо Бајден со кои се дозволува употреба на американско оружје за напади во Русија со ограничена цел за да се брани Харков, вториот по големина град во Украина, објави АП.

Функционерот не бил овластен јавно да коментира за чувствителната работа и разговараше со АП под услов да остане анонимен. Републиканскиот сенатор Мајк Раунд од Јужна Дакота, член на Комитетот за вооружени служби на Сенатот, ги потврди нападите со американско оружје, но не кажа кој го известил.

Директивата на Бајден дозволува оружјето доставено од САД да се користи за напад на руските сили кои напаѓаат или ќе нападнат. Тоа не ја менува политиката на САД, која ѝ наложува на Украина да не користи ATACMS обезбедени од САД или ракети со долг дострел и друга муниција за офанзивни напади во Русија, рекоа американски официјални лица.

Украинските власти ги засилија повиците до САД да им дозволат на силите на Киев да се бранат од напади кои доаѓаат од руска територија. Харков се наоѓа на само 20 километри од руската граница и е под засилен руски напад. Во напредувањето во североисточниот регион на Харков, руските сили го искористија долгото одложување во надополнувањето на американската воена помош.

Покрај тоа, несоодветното воено производство на Западна Европа ги забави клучните испораки на бојното поле во Украина. Вчера, портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби им изјави на новинарите дека не може да потврди дека Украина користела американско оружје против цели во Русија.

„Едноставно не сме во позиција да знаеме од ден на ден точно со што пукаат Украинците. Тоа секако е на тактичко ниво“, рече Кирби.

Според извештајот на Институтот за проучување на војната од 3 јуни, украинските сили погодиле руска батерија за воздушна одбрана С-300/400 во регионот на Белгород на 1 или 2 јуни, веројатно со артилериски ракетен систем со висока мобилност или ХИМАРС.

Системот за противвоздушна одбрана бил лоциран на приближно 60 километри од сегашната линија на фронтот во северниот регион Харков и повеќе од 80 километри од градот Харков, кој е во домет на ХИМАРС, објави институтот.

Потврдата за нападите доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети Катар, кој заедно со Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати е клучен посредник во размената на затвореници и другите преговори меѓу Русија и Украина од почетокот на војната.


Од истата категорија