Денеска во периодот од 00.40 до 02.30 часот полициски службеници извршиле контрола во угостителски објект во село Боговиње, сопственост на Н.С. (34) од село Боговиње. Притоа, во објектот биле затекнати пет женски лица кои ги забавувале гостите.
Како што информира МВР, од нив две се од Република Македонија, а три се странски државјанки (две од Република Албанија и една од Косово. Странските државјанки биле приведени и задржани во Полициската станица Тетово за понатамоша постапка.
Вчера околу 10.30 часот во СВР Велес било пријавено дека во спортската сала во основното училиште „Блаже Конески“, по завршување на ракометен натпревар помеѓу РК „Бисинов Вардар“ – Велес и РК „Велес 2009“ – Велес, тренерот на РК „Велес 2009“, В.Г. физички го нападнал главниот судија Ж.М.(20) од Велес. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во СВР Велес, вчера во 14.45 часот Љ.М.(42) од Велес пријавил дека истиот ден околу 11.30 часот во дворот на основното училиште „Блаже Коневски“, по завршување на ракометен натпревар, неговиот 15-годишен син бил физички нападнат од две малолетни лица од Велес. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчера во 14.15 часот во Полициската станица Аеродром, Ј.Ц.З.(51) од Скопје пријавила дека на булевар „3-та Македонска Бригада“ во Скопје нејзината 17-годишна ќерка била касната од куче скитник.
Денеска во 03.40 часот во Полициската станица Аеродром било пријавено дека во угостителски објект на улица „Венјамин Манџуковски“ во Скопје лицата Љ.Л.(34) и В.П.(29), двајцата од Скопје, физички ги нападнале М.М.(28) и А.С.(25), двајцата од Скопје. В.П. и Љ.Л. се приведени и задржани во полициска станица. По целосно расчистување на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Вчера во 22.00 часот во Полициската станица Гази Баба, Ѓ.А.(65) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 18.00 часот на улица „Петре Филиповски-Гарката“ физички бил нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска околу 00.50 часот во Полициската станица Тетово било пријавено дека пред угостителски објект на улица „Борис Кидрич“ во Тетово бил нарушен јавниот ред и мир со тепачка помеѓу лицата М.В.(19) од село Брвеница и З.В.(21) од село Рогачево. Двајцата се приведени и задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Вчера во 22.00 часот било пријавено дека во маркет на улица „Дижонска“ во Скопје две лица извршиле разбојништво и со закана со пиштол од вработениот одзеле околу 30.000 денари од дневниот промет. Притоа, едно од лицата испукало куршум, но повредени лица нема. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата и за целосно расчистување на случајот.