Собранието денеска ја почна втората седница со расправа по првата точка од дневниот ред за Верификацијата на мандат на пратеници во Собранието.
На дневен ред на седницата се Предлог одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието, како и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка, предложен од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во тек на утврдување на дневниот ред не беа прифатени барањата на пратениците Сашко Јанчев од Левица и Оливер Спасовски од СДСМ да се повлечат предложените измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Спасовски, образложувајќи го барањето рече дека не е дозволено по скратена постапка да се носи системски закон, со кој се уредува зголемување на бројот на министерства и агенции.
Пратеничката група на СДСМ и коалицијата, како што објави Курир, на координација за Законот за реформи на органите на државната управа била со поделени мислења.
Споед информациите на Курир, пратениците од НСДП предложиле да се гласа ЗА законот, додека пратеничката група на СДСМ била поделена, некои да се гласа ЗА, некои ПРОТИВ, а некои да бидат воздржани.
Инаку, пред неколку дена за време на Централниот одбор на ЛДП пратеничката Моника Зајкова најави дека ќе го поддржи предлог законот за реформи во органите на државната управа.
Во образложението за предложените измени и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа е наведено дека целта е реорганизација на министерствата и органите на државната управа, на начин што ќе овозможи нивно правилно функционирање, непоклопување на надлежностите и соодветна линија на отчетност врз основа на претходно дефинирани показатели на успешност на работа на институциите.
-Реорганизацијата на министерствата и другите органи на државната управа се врши со цел прилагодување на нивната работа на современите потреби на функционирањето на органите на државната управа, особено во смисла на поставување на поголем фокус на работите во областите на енергетиката, минералните суровини, рударството, како и на спортот. Во смисла на надлежностите, министерствата добиваат појасни надлежности, се разграничуваат испреплетените надлежности помеѓу постојните министерства и се овозможува простор да рамковното регулирање на органите на државната управа биде точно утврдено со материјални закони, се посочува во образложението.
Се наведува дека неопходноста од изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа со кој се предвидува и формирање нови министерства произлегува од фактот што некои органи на државната управа и управни организации како и самостојните органи не се функционални и не ја исполнуваат основната нивна функција односно истите не функционираат за поефикасно остварување на правата, должностите и интересите на граѓаните и правните лица.