Се огласи Џо Бајден, откако судот го прогласи син му за виновен

/ 11.06.2024

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека е горд на својот син Хантер бидејќи ја надминал зависноста од дрога, во првата реакција на пресудата на Хантер Бајден за три кривични дела поврзани со купување и поседување оружје во периодот кога бил зависник.

– Како што кажав минатата недела, јас сум претседател, но сум и татко. (Прва дама) Џил и јас го сакаме нашиот син и многу сме горди на човекот што тој е денес. „Толку многу семејства имаа најблиски кои се бореа со зависноста и го разбираат чувството на гордост кога ќе видат некој што го сакаат толку силен и издржлив во закрепнување“, рече Бајден.

Американскиот претседател нагласи дека го прифаќа исходот од судењето и ќе го почитува судскиот процес додека Хантер размислува дали да поднесе жалба.

Џо Бајден претходно изјави дека нема да го помилува Хантер, потсетува Ројтерс.

Хантер Бајден денеска јавно одговори на пресудата за вина, велејќи дека е „повеќе благодарен за љубовта и поддршката“ на неговото семејство отколку што е „разочаран од исходот“.

– Закрепнувањето е можно со Божјата милост, а јас сум благословен што можам да го доживувам тој дар од ден на ден – рече тој.

Адвокатот на Хантер Бајден, Абе Ловел, исто така, во изјава рече дека се разочарани од пресудата, но дека ќе продолжат да ги разгледуваат достапните правни опции.


Од истата категорија