Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на заедничката прес-конференција со нејзините колеги од Црна Гора Јаков Милатовиќ и од Албанија Бајрам Бегај, порача дека темата околу употребата на уставното име воопшто не била отворена со грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис на денешниот Самит на земјите вклучени во ПСЈИЕ.
Таа вели дека седеле еден до друг.
„Не беше отворена темата. Седевме еден до друг. Многу сум задоволна што дојде. Оставивме простор бидејќи му доцнеше летот, да се обрати како последен. Пораките му беа регионално обоени, дека треба да си помагаме, да градиме владеење на правото, да го почитуваме меѓународното право, дека треба да продолжиме таму каде што имаше многу јасни определби на Солунскиот самит. Тоа беа разговорите. Мислам дека атмосферата беше пријатна, пријателска, беше и заменик министерката за надворешни работи, со која се познаваме. Мислам дека луѓето од Балканот кога е потребно умееме да се разбереме. Многу сум задоволна особено поради целосно усогласената декаларација која беше усвоена“, рече Сиљановска Давкова.