Борба, Скопје, 1 јули, 1945 година
Дописникот на Танјуг јавува дека преку 1000 грчки фашисти учествуваат, заедно со националната гарда, во нападите врз македонските села.
Војниците и нароужаните реакционерни банди упаднале во селата Кономлади, Карчишта и Поздивиште, уапсиле поголем број луѓе и им однеле од куќите се што било вредно. Уапсените луѓе ги мачеле барајќи од нив оружје.
Селата Куманичево и Бомбаки нападнати се веќе по петти пат, одведени се пет селани, а на двајца им се скршени нозете со кундаци. На селанецот Никола Михајлов му ги пробиле градите со бајонет. Од уапсените селани земени се околу шест товари жито. Напаѓачите барале од селаните уште околу 200 оки жито за да ги ослободат.
При нападот на селото Отенско, напаѓачите одзеле околу 500 овци, од селото Драничево 25 волови, а од селото Граче 1 300 овци. При тие упади вршени се и апсења.
Од селото Делино бандитите одвеле четворица жители. На многу девојки и деца во селото им ја ишишале косата.
Вооружените банди го нападнале и селото Тиквени, го убиле Павле Спитаров и одзеле коњи, волови и друга стока.
Околу 100 војници и вооружени фашисти, го нападнале и селото Изглибе и ја претепале Дафина Валта, која умрела од тепањето. Бандитите раниле неколку селани и се обиделе да силуваат жени и девојки, но биле спречени во тоа од селаните. При заминувањето, бандитите однеле со себе многу стока.
Во селото Брачани бандитите ја фатиле девојката Олимпија Пандули, ја соблекле гола и ја обесиле за нозе на селскиот плоштад. Потоа ја одврзале, ја силувале и ја пуштиле.
Под водство на Пападополус, вооружените банди влегле во селото Сакони, го убиле Андон Штулов, а Василица Ганчева толку ја мачеле што се наоѓа пред умирање.
Група војници во селото Косинец уапсиле осум селани и толку ги тепале што двајца се наоаѓаат на смртна постела. Селаните Зиси Емануил и Христо Терзиев ги натерале со тепање да се потпишат дека се откажуваат од своите убедувања.
Селото Папречко е целосно опљачкано. При упадот бандитите го натерале населението да се запише во организацијата ЕДЕС.
Бандите извршиле упади и во селата на соровичкиот округ, уапсиле околу стотина селани и ги одвеле во логорот Сорович. Од селото Зеленич одведени се во логор сите мажи, каде биле претепани. Кога ги воделе во логорот, еден од селаните прашал каде ги носат, на што еден бандит му договорил:
„Ве водиме во Сорович, каде ќе ви ја дадеме слободна Македонија која толку ја сакате“!