Унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна во официјална посета на Москва, каде што се очекува да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и да разговараат за начините за решавање на конфликтот во Украина, пренесува Раша Тудеј.

Пристигнувањето на Орбан беше објавено од неговиот портпарол Берталан Хаваси, кој изјави дека унгарскиот лидер дошол во Русија како дел од мировна мисија.

Претходно, високи претставници на ЕУ отворено ги критикуваа плановите на Орбан за посета на Русија, при што претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ја осуди посетата и изјави дека Унгарија нема мандат да се ангажира со Русија во име на ЕУ. Оваа година, Будимпешта ја презеде шестмесечната улога на претседавач на ЕУ.

Орбан, сепак, тврди дека не му е потребен никаков мандат за да го промовира мирот, забележувајќи дека неговите дискусии не можат да се сметаат за официјални преговори. Тој, исто така, призна дека неговата земја има ограничено политичко влијание и дека мировните преговори за решавање на украинската криза најверојатно ќе бидат водени од поголеми сили.

– Но, можеме да бидеме добар инструмент во рацете на Бога, можеме да бидеме добар инструмент во рацете на луѓето кои сакаат мир, изјави премиерот пред неговата посета на Москва.

Почетокот на оваа недела, Орбан патуваше и во Киев, каде го повика украинскиот претседател Владимир Зеленски да ги разгледа опциите за брз прекин на огнот.

Неговата препорака беше одбиена. По посетата, Орбан изјави дека Зеленски имал некои сомнежи во врска со предлогот за прекин на огнот и дека не му се допаднал многу поради слични негативни искуства во минатото.

ФОТО: РТ

М.П.