Борбата со огнените стихии во државава продолжува. Гаснењето на пожарот на планината Серта се очекува да прододолжи утрово со хеликоптери и ер трактори. Во меѓувреме премиерот Христијан Мицкоски најави дека наскоро пристигнува помош од Словенија, Србија, Турција и Црна Гора во борба против пожарите.
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вчера доцна попладне изјави дека продолжува да гори пожарот на планината Серта, и оти гаснењето продолжува утрово со хеликоптери и со ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување.
– Продолжува да гори. За жал не успеваме да воспоставиме контрола над него. Теренот е исклучително лош, има многу трња, многу грмушки, многу густ терен, испресечен со долови. Високата температура и ветерот што го менува правецот, дополнително го отежнува гаснењето, појасни тој.
Вчераутро се гаснело со еден полициски хеликоптер, веднаш потоа и со два армиски хеликоптери, а нешто подоцна со два ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување. Но покрај тоа, за жал, огнот повторно бил активен.
Полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици вчера продолжи да дејствува врз пожар што е се уште активен на планината Серта.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, хеликоптерот во 25 налети исфрлил над 38 тони вода.
– Војската е активна на терен. Сто и три војника активно учествуваат во гаснењето, како и 30 припадници на МВР, локални противпожарни сили од Неготино и Кавадарци, доброволци, потсети Ангелов.
Пожарот на Серта избувна во средата околу 10.30 часот.
Мицкоски синоќа во објава на Фејсбук напиша дека се бориме против огнените стихии поради топлотниот бран.
-Интензивно сме во комуникација со повеќе пријателски држави од кои побаравме помош во рамките на нивните можности за гасење на пожарите. За скоро пристигнува помош од Словенија, Турција, Србија и Црна Гора, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Тојпотсети дека министрите за одбрана, МВР, надворешни работи и трговија Мисајловски, Тошковски, Муцунски како и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов се во интензивна комуникација со нивните колеги од овие држави.
-За само неколку дена после повеќегодишно запоставување и негрижа и затекната состојба на приземјени летала без пилоти, оспособивме летала кои се приклучија во гасење на пожарите и соодветен кадар. Се приклучи армијата и полицијата. Сега обезбедуваме и поддршка од пријателите. Нема да седиме со скрстени раце и ќе направиме се што е во наша моќ и надлежност да се справиме со состојбите, наведе Мицкоски во објавата на Фејсбук.
Министрите за внатрешни работи и за одбрана, Панче Тошковски и Владо Мисајловски, заедно со директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов извршија теренска посета на неготинскиот регион зафатен со пожари.
– На терен со заеднички сили на Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, ЦУК, со поддршка на локалните самоуправи, во тек е акција за справување со пожарите. Вклучени се и хеликоптерите за гасење на пожарите. Ситуацијата засега е под контрола и акцијата за гасење на пожарите е во тек, беше соопштено од Влада.
Претходно, од АД МЕПСО соопштија дека двата далекуводи на потегот од Пепелиште кон село Лакавица се исклучени од безбедносни причини со цел да се овозможат безбедни услови за интервенција од воздух и копно во гаснењето на пожарот. Исклучувањето нема никакви последици во тековното снабдување со електрична енергија.
Според вчерашните информации, пожарот на планината Серта во штипскиот регион кон штипските села Селце и Драгоево е се уште активен.
– Со една екипа сме упатени кон Неготино. Во комуникација сме со директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов околу 12 или 13 часот повторно ќе имаме состанок да видеме дали ќе има гаснење на пожарот во штипскиот дел од воздух. Зафатена е површина од два до три и пол километри, рече за МИА командирот на Територијалната Противпожарна единица (ТППЕ)-Штип, Благој Ренџов.
Во текот на изминатиот ден во штипскиот дел опожарена е нискостеблеста вегетација, дабова и мал дел на борова шума.