Организацијата „Шангај ранкинг консултанси“ („ShanghaiRanking Consultancy“) го објави академското рангирање на светските универзитети за 2024 година, познато како Шангајска листа. На првото место повторно се најде „Харвард“. Второрангиран е Универзитетот „Стенфорд“, а на трето е Институтот за технологија „Масачусетс“ (МИТ).

И оваа година нема ниту еден македонски универзитет на Шангајската листа.

Од регионот, Белградскиот универзитет се најде на позиција помеѓу 401-500. место, односно бележи пад од минатата година кога беше рангиран помеѓу 301-400. место. Универзитетот во Нови Сад се задржа на позиција помеѓу 901. и 1.000. место.

На позиција помеѓу 401-500. место се најде Универзитетот во Загреб, а Универзитетот во Љубљана помеѓу 501-600. место. Истовремено, на листата оваа година се најдоа шест грчки универзитети.

Освен македонски, на Шангајската листа нема ниту еден универзитет од Бугарија и Албанија.

Шангајската листа се објавува од јуни 2003 година. Повеќе од 2.500 универзитети се вклучени во Академското рангирање на универзитетите во светот секоја година, а се објавуваат најдобрите 1.000.