Центарот за македонски јазик во Грција, кој беше регистриран пред две години, се укинува, пишуваат грчките медиуми.

Според нив, ова е епилогот по тужбите и приговорите кои беа поднесени веднаш откако здружението беше регистрирано од Основниот суд во Лерин.

Одлуката за укинување на Центарот, според demokratia.gr, ја донел Апелацискиот суд на Западна Македонија (дел од областа Македонија во северна Грција), односно Апелацискиот суд во Кожани, Грција, кој реши да ја поништи регистрацијата на Центарот за македонски јазик. Пресудата на 68 страници е изречена на 13 август. Претходно судот во Лерин (март 2023) ја потврди законитоста на регистрацијата на оваа невладина организација. Ова тогаш се протолкува како признавање на македонскиот јазик од Грција и доследно почитување на одредбите од Преспанскиот договор, а Зоран Заев рече дека ова се „плодовите на Договорот од Преспа“, иако скептицизмот остана. Тој скептицизам после 16 месеци дојде како демант од Кожани.

Во веста се вели дека со пресудата Апелацискиот суд ја укинал пресудата на Основниот суд во Лерин, со кој било дозволено словенски дијалект да се учи како македонски јазик во Грција.

„Конкретно ова здружение, кое одеднаш се појави во Лерин како таканаречен ‘Центар за македонски јазик во Грција’, за да промовира нешто што самото доброволно го нарекува ‘македонско’, сега е затворено“, се наведува во веста.

Во неа се дава хронологија на настаните од регистрацијата на здружението, преку жалбата на локалната обвинителка, според која со ваквата одлука на првостепениот суд се крши Договорот од Преспа, што три години претходно го потпишаа владите на Македонија и Грција.

Одлуката на Основниот суд во Лерин се оценува како неразбирлива, поради што е поништена од повисокиот Апелациски суд.

„Тогаш ‘здружението’ доби признание за… промоција на ‘македонскиот’ јазик, поради празнини во Договорот од Преспа. Магистралниот суд на Лерин со решение од 27 јули 2022 година го одобрил формирањето на здружението, но обвинителката на Лерин, Анастасија Калаици, поднесе приговор, со образложение дека одлуката за признавање на здружението го прекршува меѓународниот договор од Преспа, со сомневање за обид за создавање македонско малцинство во Грција“, пишува demokratia.gr. Како спорни се наведуваат целите на здружението наведени во неговиот статут:

  • Зачувувањето и негувањето на македонскиот јазик во Грција.;
  • Поддршка на воведувањето на македонскиот јазик како изборен предмет во државните училишта и универзитети во Грција –
  • „Опишаните цели на споменатото здружение претставуваат провокативни пропагандни дејства, отворено негување и поттикнување либертаријанизам, ревизионизам и непријателство на штета на Грците и екстремни националистички изјави и затоа се во целосна спротивност со сите горенаведени суштински услови од Договорот“.
Дел од пресудата на Апелацискиот суд што ја објавува demokratia.gr

Пред да стигне до Апелацискиот суд на Западна Македонија, Основниот суд во Лерин претходно на 16 март 2023 година ја одбил жалбата на Обвинителството, по што Центарот за македонски јазик остана законски регистриран.

Со одлуката на Апелацискиот суд, како што се наведува, сите претходните судски одлуки се укинуваат, а со тоа и законското постоење на здружението.

Во веста за одлуката на Апелацискиот суд на Западна Македонија се цитираат и делови од образложението на пресудата, во која наводно се вели: „со постапувањето на предметното здружение настана оспорување на заедничкото расположение и фалсификување на историјата, како и на грчкиот и бугарскиот јазик, создавајќи квазилингвистичка формација, со произволна номенклатура“.

За здружението се наведува дека претставува долгогодишен опсесивен напор за промовирање на пропаганда за идејата за македонска нација, како и дека „целите на здружението се нејасни, бидејќи неговиот статут е објективно погоден за создавање погрешна слика и впечаток дека со ова може да се бара промовирање на друг јазичен идиом, под наслов македонски јазик“.

Центарот за македонски јазик во Грција беше регистриран како невладина организација на 28 јули 2022 година. Тогаш всушност беше одобрено барањето за негова регистрација од страна на властите во Грција, а одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации неколку месеци подоцна, поточно на 7 ноември, истата година.