Страшо АНГЕЛОВСКИ
Пред нешто повеќе од деветстотини дена, сите ние, бевме длабоко убедени дека Специјалната воена операција во Украина ќе заврши брзо и без големи крвопролевања. За жал, денес се покажува дека не само што не сме биле во право, туку дека операцијата прерасна во вистинска војна со несогледливи последици.
Зошто погрешивме во предвидувањата? Одговорот можеме да го дадеме во една реченица, а потоа да го образложиме – погрешивме затоа што размислувавме како нормални луѓе, како родители, како дедовци, како луѓе кои за своите најблиски посакуваат мирна и безгрижна иднина, а не како воените планери на либералниот нацизам, кој се инсталира веќе шеесеттина години, а за кого луѓето и нивните судбини се само бројка во поставената задача како од еден центар да се владее со целиот свет.
Да одиме по ред.
ШЕЕСЕТТИТЕ ГОДИНИ- КАКО ВОВЕД
Бевме непретпазливи кога не обрнавме доволно внимание на неколку работи од шеесеттите години на минатиот век кои се случија во САД. Најпрво, “Планот Далес“, или, американската Доктрина за уништување на источните држави и народи.
Ален Далес, директор на ЦИА од 1953 до 1961 година, во нејзе, меѓу другото, вели “… човечкиот мозок и свеста на луѓето лесно прифаќаат промени. Доколку им посееме хаос во умот, незабележително ќе им подметнеме лажни вредности и, ќе ги натераме да ги прифатат тие вредности. Книжевноста, филмот и театарот ќе ги слават најниските човекови чувства. Ние, на секој начин ќе ги поддржуваме оние кои во човековиот ум ќе го всадуваат култот на сексот, насилството, садизмот и предавството – со еден збор, неморалот. Во управувањето со државите, ќе предизвикуваме хаос и неред. Незабележливо, но активно и постојано, ќе го поддржуваме деспотизмот на бирократијата, корупцијата и непринципиелноста. Ќе ги ловиме луѓето уште во детството и младоста за да ги деморализираме, водиме во блуд и обесчестување.“
Потоа, предупредувањето на Двајт Ајзенхауер, претседателот на САД, во неговиот проштален говор од 17 јануари 1961 година, кога рече дека “мора да се чуваме од неоправдано влијание на воено-индустрискиот комплекс. Потенцијалот за катастрофален пораст на погрешно поставена моќ постои и ќе продолжи… Само буден и информиран граѓанин може да влијае на правилното спојување на огромната индустриска и воена машинерија на одбраната со нашите мирољубиви методи и цели…“
Како потврда на овие негови зборови е извештајот од пред неколку години во кој се вели дека 208 компании од воено-индустрискиот комплекс потрошиле 93.937.493 долари за распоредување 728 “пријавени“ лобисти, кои важат за “мочуришни суштества“ на MIC (military-industrial complex), а заради добивање средства во износ од над 700 милијарди долари од Буџетот на САД, за производство на оружје токму во нивните компании.
И конечно, атентатот врз тогашниот американски претседател Џон Кенеди, на 22 ноември 1963 година, бидејќи сакаше да им застане на пат на изведувачите на “Доктрината…“ на Далес, на воено-индустрискиот комплекс и неговите “мочуришни суштества“, да ја прекине војната во Виетнам…
ОД ДЕВЕДЕСЕТТИТЕ ГОДИНИ ДО ДЕНЕС
Најпрво, се’ започна со лагите за глобализацијата која како благороден процес, ќе го поврзе човештвото, различните култури, религии и традиции, ќе овозможи непречен проток на луѓе, стоки и идеи, ќе овозможи целосна слобода на мислата и пристап до информации. А, всушност, станува збор за метод за завладување со светот од еден центар, за уништување на поинаквите култури, религии и традиции, за сопирање на протокот на луѓе и стока со постојани војни, освен она што ним им е потребно, за убивање на секоја идеја различна од нивната, за укинување на слободната мисла, слободата на говорот и пристапот до информации. Со еден збор, глобализацијата, како метод за воспоставување на либералниот нацизам на планетата земја.
Потоа, воените агресии врз СР Југославија, Ирак, Либија, Сирија… со што се суспендира меѓународното право, меѓународниот поредок и улогата на Обединетите Нации, па се остави простор за слободни толкувања и воведување “правила“ наместо право.
Па, следуваше “славната изјава“ на тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш, по уривањето на кулите близначки на 11 септември 2001 година дека “САД започнуваат Крстоносна војна“, а знаејќи дека токму некогашните Крстоносни војни беа насочени кон уништување на Исламот и потчинување на Православието, не беше тешко да се претпостави до што ќе доведе новата “Крстоносна војна“, предводена од САД.
Следуваа обидите за ревизија на историјата – од укинувањето на Денот на победата над фашизмот, преку тврдењето на Нетанјаху дека Хитлер, кој сакал само да ги протера Евреите, всушност, од ерусалимскиот муфтија бил натеран да ги ликвидира, па се’ до тврдењето дека “со истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија, е ослободена Европа“.
Ова, неминовно водеше кон нацификација на ЕУ и кон дел од земјите членки, а врв на дејствувањето на либералниот нацизам, воспоставен во ЕУ, беше притисокот за бришење на една држава и еден жив народ – Државата Македонија и Македонскиот народ и, забраната на активностите на Друштво за негување на јазик – Македонскиот, во државата членка на ЕУ, Грција, како и непризнавањето за постоење на се’ уште живи луѓе како Македонци во другата држава членка, Бугарија, што ниту Хитлер и оние околу него не можеле ниту да го замислат.
И откако, либералниот нацизам, му забрани слобода на говор на се’ уште актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, не дозволувајќи му пристап до социјалните мрежи и, на наместени избори, како САД да е банана држава, го урна од власт, требаше да ни биде повеќе од јасно дека ќе се случи ова што се случи – поттикната војна во Украина на НАТО против Руската Федерација.
И СО ВТОРАТА НОГА ВО ТРЕТАТА СВЕТСКА ВОЈНА
И бидејќи, со едната нога, светот веќе се наоѓа во третата светска војна, за жал, не е далеку денот кога и со втората нога ќе зачекори во неа. И, тогаш ќе нема назад, тогаш, сокриени во своите луксузни атомски засолништа, либералните нацисти ќе гледаат како цели генерации гинат во страотни страдања, болки и ужаси. Тогаш, разните Столтенберзи, Макрони, Џонсони, анонимни претседатели на Балтичките држави, Финска, Норвешка и останатите запрпелкани во либералното нацистичко лудило, ќе сфатат дека “оружјето со долг домет“ по кое упорно плаче комедијантот Зеленски за да ја нападне Москва и цела Русија, а за кое тие инсистираат да му биде дадено на слободно користење, не служи за да се одбрани Украина, туку реално да се разгори Третата светска војна.
Тогаш, нивните налудничави планови да и нанесат “стратегиски пораз на Русија“, најголемата нуклеарна сила на светот, ќе предизвикаат реакција според зборовите на рускиот претседател Путин – “што ќе ни е светот, доколку ја нема Русија“.
За среќа, народите низ светот, а и во држави, како на пример, Германија, се’ повеќе се будат и се спротивставуваат на плановите на либералниот нацизам за уништување на човештвото, па, инсталираните политички елити од евроатлантското “елитно“ друштво, мора да бидат деинсталирани пред да биде доцна.
Едно мора да ни биде јасно – секој оној кој денес го поддржува нацистичкиот режим на Зеленски во неговиот обид да добива што повеќе и што поуништувачко далекуметно оружје, не и помага на Украина да се сочува себе си и својот народ, туку им помага на либералните нацисти да зачекорат во Третата светска војна и со втората нога.
Вистинските пријатели на Украина и на украинскиот народ, вистинските приврзаници на мирот и на човековото натамошно постоење, треба час поскоро да му свртат грб на веќе ионака нелегитимниот Зеленски и неговата “шмркачка“ политика и, да бараат начин за дијалог и наоѓање мирно решение.
Ќе повторам по којзнае кој пат – додека не биде доцна.
Претседател на МААК