Пратеникот Зијадин Села од поделената Алијанса на Албанците и коалициски партнер на ДУИ во Европскиот фронт му останува целосно верен на Али Ахмети. Села ги негира информациите дека ја напушта коалицијата. Тврди дека неговата партија била сериозен политички субјект, обвинувајќи дека ваквите „спинови“ доаѓале од кујните на Вреди.

„АА е сериозен политички субјект. Ако го следите политичкото дејствување од кога дејствува, АА е сериозна во тоа што го кажува пред граѓаните, сериозна е и за обврските што ги презема со коалициските партнери. АА никогаш не го прекрши ветувањето и зборот што го даде. Дадениот збор ми е важен и не знам од кога кружат овие муабети, можеби мислиш на оние од ВРЕДИ“, вели Зијадин Села.

Села смета, или поверојатно само желно се надева, дека во Македонија ќе имало предвремени избори. Познавачите ваквите пусти желби на првиот човек на и онака поделената Алијанса ги гледаат во рамки на народната „гладна кокошка сонувала просо.“ Тој вели дека тие сега се насочени кон политичко дејствување и кон разговори со Албанците и другите заедници за последните случувања во државата.

Гласините за напуштањето на Алијансата на Села на Европски фронт дојдоа по одлуката на пратеникот и лидер на ДПА, Мендух Тачи да излезе од коалицијата. Тачи не даде конкретно објаснување зошто го презема овој чекор. Јавноста потегот го протолкува како напуштање на бродот кој очебијно тоне.