Односите меѓу коалициските партнери Сириза и Анел се на тенок мраз, а грчки аналитичари предвидуваат дека заради името „Македонија“ бракот меѓу премиерот Алексис Ципрас и министерот за одбрана, Панос Каменос е пред распад.
Повеќе владини извори, како што наведува во својата анализа „То вима“ потврдуваат дека истекува трпението на Ципрас особено по последните Твитер пораки на Каменос, кој уште еднаш повтори дека нема да прифати име на соседната држава која ќе го содржи зборот „Македонија“. Како проблематични се појавија и различните ставови за грчко-турските односи.
Поради ваквата ситуација и заради тоа што преговорите се во завршна фаза, односно „пред договор“, Ципрас ќе мора да бара нов партнер, односно да осигура парламентарно мнозинство.
Ова, пак, може да се протолкува дека застојот во преговорите за името не е само заради технички проблеми поставени од Скопје, туку и заради проблемите со кои е соочен Ципрас, затоа што станува се поочигледно дека и тој не може да испорача политички договор. Тоа значи, дека топката не е само во скопскиот двор.
Од друга страна, Грција влегува во тешка фаза бидејќи завршува во август третата финансиска програма, а тоа меѓу другото ќе значи и натамошни непопуларни мерки на владата. Партиски кругови во Сириза сметаат дека и од тие причини ќе биде подобро да се раскрсти со Каменос.
Кога ќе ја земеме цврстата позиција на Нова демократија, во моментов со највисок рејтинг, да не се брза со договор за името, станува очигледно дека на внатрешен план сега партиите се спремаат за избори. Каменос дури побара во мај в година да се спроведат тројни избори во исто време– национални, локални и за Европскиот парламент.
Така мошне е изгледна варијанта дека и доколку се постигне договор со Скопје, а Анел не го поддржи, тогаш НД на Мицотакис да оди со барање за гласање доверба за владата. Тоа значи дека Ципрас ќе мора да се занимава и со математика, односно дали е способен да овозможи 180 гласови во парламентот за ратификација на договорот за името, како што првин оптимситички најавуваше, или ќе оди на варијатна да обезбеди големо мнозинство, односно меѓу 152 и 156 гласа. Дополнителен товар, пак, му претставува и големиот долг за кој уште нема договор со ММФ, а како главен проблем е повторно Германија.