Поранешниот градоначалник на Скопје и поранешен функционер на СДСМ, Петре Шилегов, синоќа предизвика внимание со објава на Фејсбук, во која остро го критикуваше сегашното раководство на СДСМ, посочувајќи го дуото Заев-Филипче.

Според него, партијата е „заробена“ уште од 2019 година и управувана од „октроирани лидери“ со интереси кои не се поврзани со членството, туку со лични алијанси.

„Ај да не се лажеме! СДСМ е заробена партија. Уште од 2019 година. Со двајца октроирани лидери од јужните краишта. Тоа не е СДСМ. Тоа се тезгароши“, напиша Шилегов, сугерирајќи дека сегашната структура на партијата служи на тесни интересни групи.

Понатаму порача: „Март е пролет,  пролет е СДСМ“.

Неколку часа пред оваа објава, тој се огласи со „есенска поезија“ која испраќа јасна порака до одредени негови сопартијци.

„Есен е тешко време. Се скратува денот. Краток е. Во темница ништо не е видливо !
На проелет, во март, ќе расцветаат цветови. Јагленот нит е за за зајци, нит е за зечеви …
Кај се најдовте, кај не запустивте“ – напиша тој.

Ваквите напади, според експертите, се сметаат за позиционирање пред новата преструктурираност на партијата, која се соочува со историски ниска поддршка.

Приврзаниците на Заев и Филипче коментираат дека останува да се види кој е интересот на Шилегов и какви ќе бидат неговите следни чекори во СДСМ.

Шилегов денеска повторно се огласи преку Фејсбук:

„1.000 зошто, едно затоа: За да нема нејаснотии, бидејќи имам многу јавувања, многу пораки, многу коментари: ако нешто не е во ред и гледаш дека е така, а молчиш, со молкот стануваш соучесник …“, напиша денеска Шилегов.