Јапонската владејачка коалиција предводена од Либерално-демократската партија (ЛДП) и помладиот коалициски партнер Комеито го загуби парламентарното мнозинство на последните избори, што ја зголеми неизвесноста околу составот на следната влада и иднината на четвртата најголема економија во светот.

ЛДП на премиерот Шигеру Ишиба, која доминираше во политичкиот живот на Јапонија по Втората светска војна, и Комеито освоија 215 места во Долниот дом од вкупно 465, известува јавната телевизија НХК. Ова е пад од 279 места што ги имаа пред изборите, а изборниот резултат претставува најлош учинок на коалицијата од 2009 година. Новиот лидер на Комеито, Кеиичи Иши, кој неодамна ја презеде функцијата, загуби во својот изборен округ.

– Овие избори беа исклучително тешки за нас, изјави Ишиба за ТВ Токио.

Најголем успех оствари главната опозициска Уставно-демократска партија на Јапонија (ЦДПЈ), предводена од Јошихико Нада, која освои 148 места, наспроти претходните 98, додека гласачите ја казнија ЛДП поради скандали со финансирање и зголемената инфлација.

Исходот од изборите значи дека на партиите им следуваат тешки преговори за формирање влада, што може да доведе до политичка нестабилност во време кога Јапонија се соочува со економски предизвици и заострена безбедносна состојба во Источна Азија.

– Ова е почеток на нова ера,“ изјави лидерот на ЦДПЈ, Јошихико Нода, најавувајќи дека ќе работат со други опозициски партии за промена на власта.

Во меѓувреме, Ишиба изјави дека ќе ги почека конечните резултати пред да размисли за можни коалиции или договори за поделба на власта.

Претседателот на ЛДП ги распиша предвремените избори веднаш по неговиот избор за лидер на партијата, надевајќи се на силен мандат за премиерската функција. Неговиот претходник, Фумио Кишида, поднесе оставка поради пад на популарноста, јавниот гнев поради зголемените трошоци за живот и скандалите со донации.

По објавувањето на резултатите, јенот падна на најниско ниво во последните три месеци во однос на доларот, а аналитичарите предвидуваат пад на цените на јапонските акции, додека приносите на долгите државни обврзници растат, бидејќи инвеститорите чувствуваат неизвесност.

Помалите партии, како Демократската партија на народот и Јапонската партија за иновации, би можеле да играат клучна улога во формирањето на владата, но нивните политики не се усогласени со ставовите на ЛДП.

фото: ЕПА