Американскиот претседател Џо Бајден беше остро критикуван од Доналд Трамп и републиканците поради изјавата дека ги нарекол поддржувачите на поранешниот претседател „ѓубре“.

–  Единственото ѓубре што го гледам овде се неговите поддржувачи, рече Бајден на изборна манифестација преку видеоконференција. Тоа беше реакција на расистичкиот коментар на комичарот кој за време на митингот на Доналд Трамп во Њујорк го нарече Порторико „пловечки остров од ѓубре.“

Подоцна, Џо Бајден на Икс напиша дека изјавата се однесувала на зборовите на говорникот на митингот на Трамп, а не на поддржувачите на поранешниот претседател. Но, тоа не ги убеди републиканците.

– Џо Бајден и Камала Харис ја мразат Америка и не заслужуваат уште четири години во Белата куќа,  изјави Керолајн Левит, портпарол на републиканскиот кандидат. – Камала треба да одговори за оваа срамна навреда кон десетици милиони Американци, додаде таа.

– Ужасно е да се каже такво нешто, рече Доналд Трамп на изборен митинг во Алентаун, Пенсилванија.

Неговиот потпретседателски кандидат Џеј Ди Ванс ги опиша коментарите на Бајден како „одвратни.“

–     Пре неколку минути Џо Бајден изјави дека нашите поддржувачи, нашите патриоти се ѓубре, додаде републиканскиот сенатор Марко Рубио. Тој зборува за обични Американци кои ја сакаат својата земја.“

Во интервју за „Фокс њуз“ синоќа, Трамп се дистанцираше од коментарите на комичарот, тврдејќи дека не знае кој е тој и дека не требало да биде на сцената.

По ова, кампањата на Трамп испрати порака за донации, велејќи: „Шефот на Камала, Џо Бајден, штотуку ги нарече сите мои поддржувачи ѓубре!“, дополнувајќи дека Трамп смета дека „вие сте одлични.“

фото: ЕПА