Бројот на новороденчиња во Косово е преполовен споредено со оној од пред четири децении, но и покрај тоа Косовците се лидери во регионот според природниот прираст на населението, јави МИА од Приштина.

Телевизијата Т7, во емисија посветена на наталитетот во Косово, објави дека во минатите две години во земјата се родени над 60.000 бебиња, а за разлика од порано, кога косовските семејства имаа по седум, осум, па и десет деца, денес во просек се шестчлени, односно имаат по четири деца. Освен тоа, се поголем е бројот на млади двојки кои го палнираат своето семејство со две или три деца.

Професорот по демографија Рифат Бљаку потврдува дека природниот прираст во Косово е преполовен, што го припишува на економскиот, социјалниот и психолошкиот фактор.

– И покрај тоа, Косово е витално од демографски аспект, споредено со другите земји од регионот, изјави Бљаку за приштинската телевизија.

Тој ги коментира изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој, најавувајќи парични стимулации за повеќедетни семејства, рече дека ако не се подобри наталитетот во Србија, тогаш на српската нација и се заканува исчезнување.

Според Бљаку, Србите се демофобични, односно се плашат од порастот на населението во Косово. Меѓутоа, вели тој, таквата политика не може да функционира.

Во 2016 година во Косово се родени 30.000 бебиња, а во 2017 илјада повеќе.