ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и коалицијата што ја предводи секогаш е подготвена за избори. Но, не е тоа суштината. Треба да го испорачамe на граѓаните она што им е потребно. Ова денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, по завршувањето на бизнис-форумот „Дијалог помеѓу бизнис-секторот и Владата“ во организација на Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО), одговарајќи на новинарско прашање за барањата на ДУИ идната година да има предвремени парламентарни избори што би се одржале заедно со локалните.
Премиерот Христијан Мицкоски, по завршувањето на бизнис-форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“ во организација на Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО)
„Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори. И тоа е јасно. На сите анкети тоа се говори. Дури има и такви минувачи што на улица ме среќаваат и самите ми велат дека ‘повторно вас ќе ве гласаме, зошто да трошиме пари, дајте да испорачаме тоа што е сработено‘. Разбирам дека некои од опозициските партии мислат дека на тој начин ќе привлечат поголемо внимание“, рече тој.
Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е консолидирана, апсолутно функционална и дури и задутре може да истрча на терен и да се вклучи во изборна кампања.
„Следната година ќе имаме локални избори и на тие граѓаните ќе кажат дали се потребни парламентарни или не се потребни“, кажа Мицкоски.
Според него, ако по локалните избори се потврди дека се потребни и парламентарни избори, тогаш ќе можат веднаш потоа да се организираат.
„Ако речат црвен картон има владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ако ги изгласаат градоначалниците на ДУИ и на СДСМ, тогаш е јасна пораката. Ние нема воопшто да ја игнорираме таа порака. Ние не сме СДСМ и ДУИ што ја игнорираа пораката на народот во 2022 година и на сила беа во владата“, вели премиерот.
Во таа насока, рече дека прв тест за тоа ќе бидат локалните избори следната година.
„Доколку коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ ја победи владината коалиција, тогаш апсолутно ние нема што да кажеме. Но, доколку ние победиме, очекуваме конечно да се завртат кон самите себе, да се реформираат со нови луѓе, со нови програмски идеи и да се најдеме на следните редовни парламентарни избори во 2028 година“, рече Мицкоски.
Од ДУИ повикуваат на одржување предвремени избори за со нив да се запре, како што велат, пандемијата на лаги, неуспеси и понижување на Албанците од страна на владејачката „Вреди“.
Од коалицијата „Вреди“ повикаа ако навистина сака предвремени парламентарни избори, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, прво да депонира писмена гаранција дека кога ќе загуби ќе си замине од политиката.
Барањата за предвремени парламентарни избори дојдоа откако Ахмети во два наврати позитивно одговори на изјавата што премиерот Христијан Мицкоски ја даде одговарајќи на пратенички прашања од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кога повика на предвремени избори в година.