Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави остро пренасочување на стратегијата за Африка, за се спротивстави на „предаторските“ практики на Кина и Русија, кои „свесно и агресивно насочуваат инвестиции во регионот, за да стекнат конкурентска предност“.
Советникот за национална безбедност Џон Болтон ја престави новата стратегија во говор во фондацијата „Херитиџ“. Тој рече дека сега САД повнимателно ќе ги избираат африканските партнери. Советникот се осврна посебно на Кина, обвинувајќи ја за „поткуп, нетранспарентни договори и стратешко користење на долгови, преку кои ги држи земјите во Африка во заробеништво на желбите на Пекинг“.
Болтон рече дека и Русија, исто така, „се обидува да го зголеми своето влијание во регионот преку погрешни економски односи“.
Критичарите на стратегијата се скептични затоа што таа се изготвуваше две години, а претседателот е познат по неговите нејасни и избрзани коментари за континентот, каде живеат 1,2 милијарди луѓе.
Според новата стратегија „ Просперитетна Африка“, САД „ќе ги охрабрат африканските лидери да избираат квалитетни, транспарентни, инклузивни и одржливи странски инвестициски проекти, вклучувајќи ги и оние од САД“, рече Болтон.
Болтон предупреди дека САД „ќе ја преразгледаат својата поддршка за мировните мисии на ОН“, како и помошта за земјите чии власти се сметаат за предизвикувачи на загриженост, вклучително и за Јужен Судан.