Министерот за здравство и еден од лидерите на ВЛЕН, Арбен Таравари, ја сподели долгоочекуваната вест за здравствените работници, каде што зголемувањето на платите во наредните четири години ќе биде помеѓу 40 и 50 проценти.
-Изворедна вест. Платите во здравството ќе бидат највисоки во историјата на оваа држава! Благодарност до Владата и синдикатите кои се согласија на овој договор, кој ќе влезе во светлите страници на оваа земја, соопшти Арбен Таравари.
Претходно, и премиерот Христијан Мицкоски им се заблагодари на синдикалните организации и синдикатите кои конструктивно учествуваа со нивните идеи за време на целиот процес, заедно со претставниците на синдикатите, Министерството за финансии, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, како и другите кои беа вклучени.
Со овој постигнат договор, веќе следната година во март ќе има дополнително зголемување од 5 проценти на сумата наменета за плати за здравствените работници, додека во 2026 година тоа ќе биде од 5 до 7 проценти. Истото зголемување од 5 до 7 проценти ќе се реализира и во 2027 година, а во 2028 година ќе биде од 7 до 10 проценти. Или, ако го земеме целиот овој период последователно, добиваме зголемување на износот на средствата потребни за исплата на платите на здравствените работници за целиот период помеѓу 40 и 50 проценти.