Претседателот на Владата на Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на пратенички прашања рече дека состојбата која што ја наследил била алармантна, укажувајќи дека оваа Влада е единствената Влада која во процес на формирање беше нападната од опозицијата, но и од одредени здруженија и синдикални организации.

Состојбата не беше тешка, туку алармантна. И можеби оваа Влада е единствената Влада уште во процесот на формирање беше нападната од страна на денешната опозиција, но истовремено нападната и од одредени здруженија на граѓани, синдикални организации дека е против работничките права, зголемување на платите, вели тој.

Мицкоски потенцираше дека дупката во Буџетот била огромна, посочувајќи дека само за редовна исплата на пензиите недостасувале 5 милијарди денари, но не било заборавено да се исплатат аванс на проект од речиси 300 милиони евра за проект кој што не бил започнат.

Дупката беше толку голема, злоупотребите беа такви и континуирано излегуваа на површина акумулирани долгови што тоа не загрижи и велевме сега што правиме и како ќе ја завршиме годината, имајќи во предвид дека за редовните исплати недостасуваа средства. Недисциплина, демотивирање во администрацијата, моралот беше на ниско ниво, се уште во институциите распослани кадри од претходната власт на СДСМ и ДУИ.

Само за редовна исплата на пензии, недостасуваа 5 милијарди денари во Буџетот. Точно 5 милијарди денари во Буџетот. Но, не било заборавено да бидат исплатени авансите за проектите кои што никогаш не тргнале. Еве на пример не бил заборавен да се исплати речиси 300 милиони евра за еден клучен проект, кој што требаше оваа Влада да дојде, да ги откочи сите проекти, и да може денеска тој проект да се движи и тоа се гледа на лице место. Тоа е проектот кој што ќе ги поврзува во иднина Гостивар со селото Букојчани и Прилеп со Битола, истакна тој.

Еве јас го повикувам јавниот обвинител да влезе и да види кој е подизведувач на делницата од Гостивар до Букојчани и дали тој подизведувач е сопственик на позната куќа која што цела Македонија ја знае во едно рурално место од Западна Македонија, во близина на Тетово. И дали на тој подизведувач му е одземена лиценцата поради тоа што му се урна мостот бидејќи тој „случајно“ бил подизведувач и на еден друг проект на пругата кој што е дел од коридорот 8. Му се урна мостот, истакна премиерот и го повика повторно јавниот обвинител да го истражи целиот случај доколку е подготвен.

Премиерот Мицкоски додаде дека со ребаланс на Буџетот, Владата обезбедила и 1 милијарда денари за к15 на вработените во администрацијата.

Понатаму, бидејќи сме за работничките права 1 милијарда денари недостасуваа за К15. Не ја предвиделе во Буџетот, со ребалансот ние и тие ги обезбедивме, 1 милијарда денари сега во декември ќе се исплати на вработените повеќе од 83 илјади во јавната администрација, додаде Мицкоски.

Премиерот Мицкоски нагласи дека претходната Влада на СДСМ и ДУИ закочила половина милијарда евра пари обезбедени од ЕИБ за комунални проекти во општините, бидејќи поголем број од градоначалниците биле од ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи дека сегашниот министер за животна средина Меџити го откочил овој процес бидејќи тие пари се за проекти за граѓаните.

Оваа Влада обезбеди речиси 500 милиони евра инвестиции во сите општини во цела Македонија без разлика дали градоначалникот е од ДУИ, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, независен, ВРЕДИ значи не се бираше. А знаете што правела претходната Влада, бидејќи јас очекував за тоа да се збори кога станува збор за Министерството за животна средина, 50 милиони евра земени пари, одобрени пари од Европска инвестициска банка за проекти за комунална инфраструктура, водоводи и канализации стоеле затоа што градоначалниците најголем дел биле од опозицијата во тоа време. Е дојде сега овој министер Изет Меџити го одглави процесот без разлика што ќе има корисници од различни политички партии, тоа е за граѓаните. Пола милијарда евра за граѓаните.

Кога зборувавме за овој инвестициски бран, тогаш сите велеа дека ќе има партиска чистка, ние што велевме еве и тие кои што немаат подготвено проектна документација дадовме дополнителен рок до 15 ноември доставија и ќе добијат. Тука ќе има проекти и во Липково, и во Желино и во Тетово, Штип, Струмица, и во Струга, и во Делчево и во Пробиштип, и во Врапчиште и во Боговиње. Но, за жал се уште поедини политичари живеат во времето од пред 100 години, наместо да гледаме напред за 100 години, изјави Мицкоски.

Премиерот Мицкоски додаде дека Јавниот обвинител треба да го истражи и работењето во РЕК Битола, бидејќи како што рече таму долгот е 5 милијарди денари.

Немаше предвидено за плати во неколку јавни претпријатија и во институции. Но, бидејќи го спомнавте РЕК Битола 5 милијарди денари е долгот. И еве повторно го повикувам Јавниот обвинител ако не е анкциозен, со повисока температура, со грчеви во стомакот и цревата да влезат во компанијата и да истражат како инстант компании, јас ќе им ги дадам адресите од рурални места во Западна Македонија преку ноќ стануваат милионери, еве јас ќе им ги дадам адресите, име и презиме од сопствениците на тие компании.