Тој откри дека безбедносните служби имале оперативни информации дека зад настаните во Скопје на денот на прославата и во Куманово кога беа запалени автомобили и фотокопирница, стоеле високи структури на ДУИ
Во врска со настаните од прославата на 28 ноември, Денот на албанското знаме, случајот е расчистен во насока на тоа дека се фатени конкретните сторители кои го нарушија јавниот ред и мир и сквернавеа државни симболи. Но, во насока на тоа дали во позадина имаме организирана група која што директно ги поттикнала овие дејствувања, случајот се уште не е расчистен, изјави вечерва во Тема на денот на Сител, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој откри дека безбедносните служби имале оперативни информации дека зад настаните во Скопје на денот на прославата и во Куманово кога беа запалени автомобили и фотокопирница, стоеле високи структури на ДУИ.
„Не би сакал сега да излегувам со информации во јавноста, но факт е дека има одредени оперативни информации дека поранешен градоначалник на ДУИ директно бил вклучен заедно со друга група во делот на организирање на овие настани, но за разлика од претходно кога имавме политички прогони еден тон, сега МВР постапува по насока на ЈО со факти и докази, не одиме слепо како претходно. Така ќе биде и во овој случај. Доколку обезбедиме докази ќе постапиме“, изјави Тошковски.
Тој смета дека МВР постапило професионално и соодветно за време на прославата на албанското знаме во Скопје и дека имало соодветно присуство на полицијата согласно проценките.
„Имаше соодветно присуство на полицијата согласно нашите проценки. Замислете ситуација во која полицијата ќе беше во максимална употреба на сите единици, замислете да имаше специјалци и херемелини и да беше употребена сила. Проценка на МВР е како да изреагира да употреби соодветна сила која ќе неутрализира фактичка состојба и нема дополнително да подгрее несакана состојба во Македонија. Немаше физички повреди дента, немаше убиства, немаше кривични дела насочени кон дивеење врз објекти во државна и приватна сопственост, немаше немири во степен кој ќе подразбираше активирање на специјални сили, тоа е факт“, посочи министерот за внатрешни работи додавајќи дека полицијата одговорила соодветно и привела 20-тина лица, без оглед на нивната етничка припадност.