Денеска е 5 декември (по стар стил) и се слави Преподобен Нектариј Битолски.

Родум од Битола. Се подвизуваше најпрво во манастирот Свети Врачи кај Битола, заедно со својот замонашен татко Пахомиј.

Потоа премина во Кареја, на Света Гора, каде што го продолжи подвигот под раководство на старците Филотеј и Дионисиј во келијата на Светите Архангели.

Откако ги победи човечката завист, демонските напасти и тешките болести, се пресели во Царството Христово, на 5 декември 1500 година.

Неговите чудотворни мошти цели, нетлени и благоухани, почиваат во истата келија.

Во Битола денеска се слави 18 декември – Ден на заштитникот на градот „Свети Нектариј Битолски“, востановен празник од локалната самоуправа и Преспанско-пелагониската епархија.

Празничните свечености традиционално почнаа синоќа, а продолжуваат утрово со литургија која се одржува во Соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“.

Според востановената традиција, претпладне денеска на Широк сокак ќе се одржи Литија, а на посебна свеченост, вообичаено, ќе бидат доделени пофалници на наградени талентирани ученици кои покажале посебен успех и резултати во школувањето.