Кинеските астронаути Каj Шуже и Сонг Лингдонг го урнаа светскиот рекорд на НАСА за најдолго вселенско излегување. Тоа траело 9 часа и 6 минути, објави Кинеската вселенска агенција – КВА.

Членовите на мисијата „Шенжу-19“, Шуже и Лингдонг ја напуштија Кинеската вселенска станица „Тијангонг“ вчера – на 17 декември, поставувајчќи го новиот рекорд. Најдолгото вселенско излегување претходно го имаа астронаутите на НАСА, Џејмс Вос и Сузан Хелмс, кои во 2001. минаа 8 часа и 56 минути вон Меѓународната вселенска станица.

„Тијангонг“ се движи околу Земјата на височина меѓу 340 и 450 километри над нашата планета, што е приближно иста орбитална висина како и на МВС.

Во меѓувреме, третиот член на мисијата, Ванг Хаоже обезбеди поддршка од внатрешноста на станицата. Покрај тоа, роботските раце на „Тијангонг“ и тимовите за контрола од Земјата имаа клучна улога во успехот на потфатот. Според КВА, вселенското излегување е целосно успешно.

Астронаутите притоа извршуваа задачи: Распоредување штитови од вселенски отпад, проверка на надворешната опрема, дополнителна заштита на каблите и цевките на системот за термичка контрола итн.

Астронаутските костуми на „Феитијан“ содржат комуникациски способности во вакви вселенски задачи. Тие се дизајнирани за цели осум часа престој вон леталото и нешто плус, а нивниот рок на траење е три години. Исто така, може да се користат за најмногу 15 вселенски излегувања.

Сонг, поранешен пилот на борбен авион, стана првиот кинески астронаут роден во 1990-тите кој изведе вселенско излегување. Од друга страна, пак, Кај – командантот на мисијата, го изведе своето второ вселенско излегување. Тој беше член и на екипажот „Шенжу-15“, и во ноември 2022 година мина 5,5 часа во Вселената.

Мисијата Шенжу-19 има планирани повеќе вселенски излегувања, со цел научни експерименти и технички тестови. Екипажот пристигна на станицата на крајот на октомври, а ќе се врати дома во април или мај 2025 година. Слетувањето ќе се случи во кинеската област Внатрешна Монголија.

Инаку, првото кинеско вселенско излегување го изведе Жај Жиганг на 27 септември 2008 година.

Изградбата на кинеската станица „Тијангонг“, во облик на буквата „Т“ почна во 2021. и беше завршена до крајот на 2022 година. Веќе има планови и за проширување на станицата.

Фото: Архива