Од денес секој електронски документ од Националниот Портал и другите државни институции можете да го употребувате и испечатен. Со измените на Законот за електронски документи се предвидува дека електронските документи издадени од јавни органи, печатени на хартија нема да подлежат на процесот на верификација, туку ќе имаат иста правна и доказна сила како и оригиналниот документ со традиционален печат, објави министерот за дигитализација Стефан Андоновски.
Нивната валидност ќе може да се потврди со скенирање на QR-кодот на документот, кој води до оригиналот на документот. Вака се олеснува употребата на електронските документи во административните процедури и се стимулира поголема искористенот на Националниот портал за електронски услуги, стои во соопштението на министерот Андоновски.
Намален товар врз администрацијата и полесна достапност и ефикасност во обезбедување на административните услуги. За сите неправилности се предвидува воведување на инспекцискиот надзор (ИКТ инспекција) над примената на законот. Со тоа се обезбедуваат јасни правила за контролирање на исполнувањето на стандардите и барањата од Законот, дополнува во објавата Андоновски.