Францускиот премиер Едуар Филип во интервју за весникот „Лез Еко“ призна дека Владата направила грешки во кризата со протестите на „жолтите елеци“ и оти не ги слушала доволно Французите.
Во саботата во протестите низ цела Франција се вклучија повеќе од два пати помалку луѓе во споредба со претходните недели.
– Битките завршија, сега доаѓа ред на дебатите, изјави претседателот на Националното собрание Ришар Феран.
Филип за „Лез Еко“ исто така изјави дека мерките што ги објави претседателот Макрон ќе чинат околу 10 милијарди евра. Во нив спаѓаат укинувањето на данокот на гориво, замрзнувањето на цените на електричната енергија и гасот, месечното зголемување од 100 евра на минималните плати и укинувањето на данокот на ниските пензии.
Според Филип, со воведувањето на овие мерки, дефицитот во буџетот за 2019 година ќе достигне 3,2 отсто од претходно проектираните 2,8 отсто.
Феран, пак, ги покани „жолтите елеци“ да ги формулираат своите барања во „платформа на предлози“ или да ги изразат на следните избори – европските избори во мај 2019 година
Според една неодамнешна анкета, 21 отсто од гласачите на тие избори планираат да гласаат за екстремниот десничарски Национален собир на Марин Ле Пен, а 20 отсто за „Република, напред !“ на претседателот Емануел Макрон.
По четири викенди протести, популарноста на претседателот Емануел Макрон многу падна и сега само 23 отсто од испитаниците се задоволни од неговата влада, а 76 отсто не се задоволни. Ова го покажа анкета објавена минатата недела во француските весници.
– Макрон од сега па натаму ќе мора повнимателно да се однесува со синдикатите и градоначалниците и да одржува директен контакт со Французите, истакна социологот Шан-Даниел Леви.