Министерката за енергетика Сања Божиновска информира дека се бара решение за голем број на институции и комунални претпријатија кои плаќаат за 50 отсто поскапа електрична енергија затоа што ја купуваат од универзалниот снабдувач во краен случај.
Станува збор за државни организации на централно и локално ниво кои немаат редовен договор со снабдувач на слободниот пазар, туку ја купуваат од ЕВН, а во тој случај цената на таа електрична енергија е повисока за 50 проценти.
Божиновска верува дека причините за тоа се повеќе од незнаење и како што рече, ваквиот феномен е забележан на крајот на минатата година. Има претпријатија кои подолг период на ваков начин трошат струја, иако законски тоа е дозволено само во рок од три месеци.
Ние сме свесни за овој проблем. Тоа го забележавме уште на крајот на минатата година. Тоа се непрофитни организации како училишта и болници, но и комунални претпријатија кои имаат енормни сметки за струја. Тие можеби од незнаење и од немање стручен кадар не избрале снабдувач, па купувале од снабдувачот во краен случај. И самите не се запознаени од последиците во непостапувањето, а друга работа е што се оставени на ризик на берзата, вели Божиновска.
Министерката додаде дека се прави анализа за колкава количина на енергија станува збор и ќе се направи некоја форма на „пакет“ за овие институции да добијат помала цена за да заштедат на сметки. Сите овие институции би влегле во една „балансна група“ од следниот квартал.