За в сабота се најавува голем протестен Марш за правда во Неготино. Како што објави ТВ Телма, протестот го организираат другарките на Фросина Кулакова, која неодамна беше смртно изгазена на пешачки премин во Скопје.

Во повикот се вели дека за оние кои се од другите градови, а сакаат за бидат дел од протстот, ќе биде обезбеден бесплатен превоз до Неготино и назад.

Според најавата која се шири на социјалните медиуми од Скопје автобусите ќе поаѓаат во сабота во 11 часот пред хотелот Холидеј Ин, а со повикот за учество се повикуваат и студентите.

Се замолуваат сите кои се заинтересирани да се пријават за да може да се испланира бројот на лица кои се заинтересираниза да биде обезбеден превоз за сите.

Фросина Кулакова беше студент по мода, а нејзиниот живот згасна прерано, на 22 годишна возраст, кога преминувајќи прописно на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје околу 23 часот и 45 минути беше прегазена од 20 годишниот Васил Јованов кој кобната ноќ дивеел на скопските улици со возило кое му го купиле неговите родители иако се уште немал возачка дозвола.

Според информациите што беа објавувани во повеќе медиуми Јованов и претходно имал прекршочни сообраќајни пријави, а еднаш кривично одговарал и за поседување и продажба на дрога.

Но, наместо во притвор како полнолетен, судијката Даниела Алексовска Стојаноска одредила да биде сместен во дом за малолетници.