Агенцијата УСАИД, која е основана во 1961 година, е една од најголемите официјални агенции за помош во светот и има мисии во над 100 земји, пред сè во Африка, Азија, Јужна Америка, Блискиот Исток и Источна Европа, имаше повеќе проекти на граѓанскиот сектор во Македонија, кои се опфатени со наредбата на претседателот на САД, Трамп, за „замзрнување“ на американската помош низ светот.
Неодамна се појави списокот на проекти во Македонија финансирани до УСАИД, повеќето завршени, но барем десетина се проектирани да се спроведуваат уште извесен период, најдоцна до 2028 година.
Еден од пообемните проекти, кој е започнат во април, минатата 2024 година, а треба(ло) да се спроведува до април 2028 година е оној за „Граѓани против корупција“ со вредност на донацијата/странската помош од 4.798.478,07 американски долари.
Како крајни корисници на донацијата се наведени: Македонски центар за меѓународна соработка со износ на доделени средства од проектот во висина од 1.751.209,17 американски долари; Здружение на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК Скопје со износ во висина од 512.102,14 американски долари; Институт за демократија СОЦИЕТАС ЦИВИЛИС – Скопје со износ на доделени средства од проектот во висина од: 416.407,94 американски долари; Стопанска Комора на С. Македонија – 499.998,48 американски долари; здружение на граѓани Истражувачка репортерска лабораторија – ИРЛ Скопје – 655.310,00 американски долари; друштво за аудио и видео продукција 360 степени ДОО Скопје – 501.167,61 американски долари; здружение на граѓани Балканска истражувачка репортерска мрежа Скопје – 417.291,72 американски долари.
Под знак прашалник е доведен и проектот „Младите активно создаваат можности (ЈАКО)“, со вредност на донацијата од 6.999.998,33 американски долари, кој започнал на 1 февруари 2023 година, а требало да заврши на 31 јануари 2028 година. Како спроведувач на проектот е наведен субјектот – Унапредување на економиите, за посилни заедници од САД, подружница Скопје.
Според сегашаната ситуација, незавршен останува и проектот „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите”, со вредност на странската помош од 6.428.379,00 американски долари, кој започнал на 25 јануари 2021, а предвиеден бил за завршување на 24 јануари 2026. Спроведувачи (имплементатори) на проектот се: Кардно Емергинг Маркетс САД, Лтд, преку Кардно Емергинг Маркетс САД, Лтд – претставништво Скопје; Центар за развојни политики ИДЕАС ДеПо Скопје; друштво за услуги „Консалтинг за стратешки развој“ доо – Скопје; Центар за економски анализи Скопје Millennium Partners Consulting, LLC.
Ричард Гренел, пратеникот на американскиот претседател за специјални мисии, за донациите на УСАИД оцени дека „милијарди долари се дадени на левичарски невладини организации за спроведување на политиките во други земји“.
Гренел на мрежата Х ја пренесува објавата на локален медиуми за тоа колку пари наводно потрошила американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) во земјите од Западен Балкан, нарекувајќи го „непромислено трошење“.
Тој пренесува дека две милијарди долари биле дистрибуирани од УСАИД во земјите од Западен Балкан, од 2020 до 2024 година, што се совпаѓа со поголемиот дел од мандатот на поранешниот американски претседател Џо Бајден.
Наводно, во период од четири години, повеќе од 500 милиони долари биле дадени на Косово, околу 400 милиони на Босна и Херцеговина, речиси 300 милиони долари на Македонија, повеќе од 200 милиони на Србија, повеќе од 180 милиони на Албанија и повеќе од 70 милиони за Црна Гора.
Без оглед на можеби хиперболизирината процена во изјавата на Гренел за „непромислено трошење“ на Западен Балкан, во листата за донации на УСАИД во Македонија од 2016, можат да се пронајдат повеќе проекти финансирани од УСАИД со милионски суми во долари или во евра.
Како првонаведен на листата е проектот – „Продукција на телевизиски програми ‘360 Степени Вју’“, во вредност на донацијата од 1.444.270,00 американски долари во период од 9 септември 2016 до 8 септември 2019, за која како спроведувач (имплементаторот) на проектот е наведено Друштво за аудио и видео продукција 360 Степени ДОО – Скопје, а одговорно лице за реализација на проектот е Васил Попетревски, како директор на друштвото.
Уште еден медиумски проект од тој период, 23 септември 2016 до 22 септември 2018 година, е „Топ тема на ваша страна”, во вредност на донацијата од 813.509,00 американски долари. Како спроведувачи на проектот се наведени ТВ Телма и Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС.
Некои од поамбициозните, односно поскапите проекти поддржани од УСАИД е оној на УСАИД Македонија за граѓанско учество C-1676, со вредност на донацијата од 1.191.546,99 американски долари, спроведуван од 2016 до 2021, за кој како краен корисник се наведува Фондација отворено општество – Македонија (ФООМ), а за одговорно лице за реализација на проектот била определена Фани Каранфилова Пановска – извршна директорка на Фондација отворено општество – Македонија (ФООМ), актуелна заменик-претседателка на партијата СДСМ.
„Проект за меѓуетничка интеграција на младите во образованието (МИМО)“, со вредност на донацијата 5.853.000,00 американски долари е исто така еден од проектите за кои УСАИД бил подарежлив, а се спроведувал од април 2017 до април 2022. Краен корисник на донацијата бил МЦГО – Македонски центар за граѓанско образование, на кој одговорно лице за реализација на проектот била извршната директорка Лорета Георгиева.
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за суспендирање на американската помош за развој во странство на 90 дена. Тој рече дека „никаква натамошна американска помош во странство нема да биде исплатена на начин што не е целосно во согласност со неговата надворешна политика“.
Според одредени неофицијали сознанија, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп има намера да го спои УСАИД со Стејт департментот, со цел да ја намали администрацијата и да ги усогласи трошоците со приоритетите на Трамп.