Очекував дека СДСМ ќе биде порационален во своите изјави. Тоа што го прочитав навистина за мене беше неочекувано. Мислев дека ќе застанеме заедно еднаш да обезбедиме национален консензус и заеднички да работиме на промените, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за изјавите на Венко Филипче по најавените мерки за Судскиот Совет.
-Да не биде еднострано, да не бидеме ние обвинети дека правиме нешто кое е дел од коалицијата во Владата. Јас ги поканувам сите парламентарни политички партии заеднички да го работиме овој процес, да биде инклузивен, да направиме една нова пракса. Да обезбедиме еден општествен консензус дека ни се потребни промени и тие промени да се случат. Не може никако причината да стане решение. Причината за ваквата состојба во судството, а тоа е Владата која што 7 години беше таму каде што беше и позади кои што одлуки има многу контроверзии и скандали, посебно во судството. Не сакам да ве потсетувам на оној шверцерски поминат закон за измени во кривичен законик со европско знаменце. Сега тие од една страна се претставуваат себеси како решение, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека процесот треба да е инклузивен, да имаме општествен консензус.
-Еве не сакаме ние да имаме ексклузивно право само ние да ги правиме тие измени. Ги повикувам сите пратеници во парламентот ако се согласуваат дека треба да се распушти овој Судски Совет, кој тие го гласале, кога ќе дојде точката на дневен ред да гласаат да бидат разрешени членовите на Судски Совет, а потоа заедно да најдеме луѓе кои ќе мониторираат и ќе бидат тие кои ќе идентификуваат судии кои злоупотребуваат тоа што се судии и кои се причинители поради нивните контроверзни одлуки на некои процеси кои не треба да ни се случуваат, посочи премиерот.