Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи вечерва изјави дека Техеран е подготвен да преговара со САД, но не под политиката на „максимален притисок“.

– Укинувањето на санкциите бара преговори, но не во рамките на политиката на максимален притисок, бидејќи тогаш тоа веќе не би биле преговори, туку форма на капитулација, посочи Арагчи.

Во 2015 година, Иран склучи договор во Виена со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на својата нуклеарна програма. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции против Техеран.

Но, американскиот претседател Доналд Трамп во 2018 година еднострано ги повлече САД од Договорот и повторно воведе строги санкции кон Иран.

Техеран одговори со зголемување на резервите на збогатен ураниум на 60 отсто, додека 90 отсто се потребни за производство на нуклеарно оружје. Иран го брани своето право на нуклеарна енергија за цивилни цели, особено за енергетски цели, но негира дека сака да се стекне со атомска бомба.