Европската комисија предложи преземање нов долг до 150 милијарди евра, кои ќе бидат обезбедени на владите на ЕУ во форма на заеми според новиот план за превооружување, поттикнат од руската војна во Украина и стравувањата дека Европа повеќе не може да биде сигурна дека ќе биде заштитена од САД.
Предлогот дојде еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп ја запре воената помош за Украина, нагласувајќи ја се поголемата поделба меѓу европските лидери и Вашингтон во однос на безбедноста на континентот и начините за справување со Русија.
„Живееме во најсудбоносните и опасни времиња. Се наоѓаме во ера на повторно вооружување. И Европа е подготвена значително да ги зголеми трошоците за одбраната“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Таа го претстави обезбедувањето заеми до 150 милијарди евра за приоритети како противвоздушна одбрана, ракети и беспилотни летала. Тоа е дел од пакетот предлози за кои таа вели дека би можеле да мобилизираат до 800 милијарди евра за европска одбрана.
Лидерите на ЕУ ќе одржат првични дискусии за предлозите на 6 март на специјален самит посветен на европската одбрана и Украина.
Некои од плановите ќе бараат одобрение од владите на ЕУ.
Трамп ги обвини европските земји дека не трошат доволно за сопствената одбрана и наместо тоа се потпираат на заштитата на САД преку НАТО. Европските лидери настојуваат дека моментално брзо ги зголемуваат своите воени трошоци.
Голем дел од пакетот на Комисијата се фокусира на охрабрување на земјите од ЕУ да трошат повеќе за одбраната и за пренамена на постоечките фондови на ЕУ, наместо да обезбедуваат нови средства.
Во пакетот не е вклучен предлогот за преземање заеднички европски долг и неповратно финансирање проекти во областа на одбраната, за кое се залагаа балтичките земји и Франција. Овој предлог наиде на отпор од Германија и Холандија.
Како дел од планот, Европската инвестициска банка соопшти дека ќе ги укине ограничувањата за финансирање одбранбени проекти и ќе го прошири опсегот на одобрените проекти, и покрај тоа што ќе остане забраната за финансирање на купување оружје и муниција.
Комисијата предложи трошоците за одбрана да бидат исклучени од ограничувањата наметнати со правилата на ЕУ за јавниот долг.
Фото: МИА архива