Дванаесет лица беа полесно повредени кога авион на Американ ерлајнс слета на меѓународниот аеродром во Денвер, Колорадо, и се запали, предизвикувајќи активирање на гумени тобогани за патниците да можат брзо да се евакуираат.
Летот од аеродромот Колорадо Спрингс до Далас Форт Ворт беше пренасочен кон Денвер и авионот безбедно слета синоќа околу 17:15 часот, откако екипажот пријавил вибрации на моторот, соопшти американската Федерална авијација (ФАА).
-Додека авионот се движел кон гејтот, моторот на Боингот 737-800 се запалил, соопшти ФАА.
Сликите и видеата објавени во медиумите покажуваат како патници стојат на крилото на авионот додека чадот го обвива авионот. ФАА соопшти дека патниците излегле од авионот преку тобоган.
Засега не е јасно кога точно се запалил авионот.
Сите 172 патници и шест членови на екипажот се однесени на терминалот, соопштија претставници на авиокомпанијата.
Компанијата им се заблагодари на членовите на екипажот и на спасувачите за нивната брза и решителна акција, чиј приоритет беше безбедноста на сите во авионот.
Пожарникарите го изгаснале пожарот во текот на вечерта, а ФАА ќе спроведе истрага.
фото: Принтскрин Би-Би-Си