Шпекулации во дел од медиумите и помеѓу граѓаните во врска со бројот на загинати во стравичната трагедија во Кочани. Се пишува дека загинати се повеќе од 59 лица, односно дека бројката е околу 100. Од Владата ги демантираат овие шепкулации и потврдува дека бројот на жртви е 59, воедно и апелираат и да не се наседнува на непроверени информации и да не шират шпекулации.

-Во врска со трагедијата во Кочани, Владата изразува најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените. Ова се моменти на тага и солидарност, кога сите мора да покажеме одговорност и почит кон жртвите.

Во јавноста се пласираат шпекулации и дезинформации во врска со бројот на загинатите. Владата со целосна одговорност потврдува дека бројот на жртви е 59. Сите други тврдења за 100 или 120 загинати се неточни и неосновани. Ваквите лажни информации само ја зголемуваат вознемиреноста во јавноста и нанесуваат дополнителна болка на семејствата на жртвите.

Бројките ги утврдуваат официјалните медицински и истражни служби кои работат на терен. Владата инсистира на целосна транспарентност и јавноста ќе биде редовно информирана за сите нови детали поврзани со истрагата.

Апелираме до медиумите и граѓаните да не наседнуваат на непроверени информации и да не шират шпекулации. Ова не е време за манипулации, туку за заедништво, почит и одговорност.

Владата останува посветена на расчистување на сите аспекти од оваа трагедија и преземање на сите неопходни мерки за да обезбеди правда и поддршка за семејствата на жртвите, велат од македонската влада.

Овие шпекувации ги демантираше и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

-Не се точни шпекулациите дека бројот на починати е поголем од 59. Пред малку добив и официјални информации дека немаме починати коишто се згрижени во болничките установи, во државата и во останатите држави. Некои од нив се во тешка состојба нека господ бог им даде сила да преживеат и да останат меѓу нас, изјави Ангелов.