Заштитените „бели мечки” во Собрание бараат екстра заштита, мала им била досегашната, вели во денешната реакција универзитетската професорка Тања Каракамишева, во врска со најавите за нови привилегии на македонските пратеници.

– Наместо да бараат засилена одговорност, суверените граѓани да можат да ги отповикаат ако ги злоупотребат позициите и ако носат нелегитимни одлуки, тие бараат уште привилегии! Нашле село без кучиња па дрпај, реагира Каракамишева на својот Фејсбук профил.

Реакција денеска има и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ:

– СДСМ самите ја иницираа темата за посебни повластици на пратениците, но кога се соочија со револтот на јавноста и граѓаните почнаа да ретерираат и да си ја ишкаат мувата од капата. Тоа е стилот на аболицираниот Зоран Заев и криминалниот картел собран околу него. Наместо да работат во интерес на граѓаните, тие отвораат теми со цел да ја манипулираат јавноста и да дефокусираат од суштинските проблеми кои ги мачат граѓаните како и од погрешните и штетни политики кои како Влада ги водат, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата се додава дека „тоа што Заев и СДСМ отвораат вакви теми креираат магла со која потоа манипулираат и бараат начин како да ја покријат својата неспособност, немањето капацитет и неработењето“.

– Правата и одговорностите на пратениците се доволно добро уредени. Унапредувањето на нивните бенефиции не само што нема да го подобри животот на граѓаните, туку напротив  ќе предизвикаат дополнителни буџетски импликации. Народните пари треба домаќински да се трошат за потребите на народот за изградба на училишта, болници, патишта, а не за каприци на СДСМ, реагира опозициската партија.

На оваа тема со соопштение се јави и владејачкиот СДСМ:

– По одредени неофицијални најави пренесени во медиумите, информираме дека за СДСМ дополнителни привилегии за пратеници не се прифатливи. Повластен статус за вработување не смее да има само затоа што некој бил избран или именуван функционер. Бенефициите треба да им следуваат на граѓаните, а не да се зголемуваат кај оние кои треба да им служат на граѓаните. Токму поради тоа, СДСМ застана и позади предлогот за намалување на патните трошоци за пратениците, се вели во соопштението.

Пратениците, додаваат од СДСМ, имаат доволно права и бенефиции кои се одредени со закон и со Деловникот за работа на Собранието.

– Македонија се гради како едно општество за сите и никој не треба да биде привилегиран ниту дискримиран без разлика на работата што ја извршува. Доведувањето во привилегирана позиција на пратениците по престанок на нивниот мандат е спротивно на принципите на недискриминација и еднаквост кон кои се стреми македонското општество. Очекуваме секој пратеник, секој избран или именуван функционер да покаже одговорност, особено во контекст на актуелните стратешки текови и да даде позитивен пример во интегративниот процес, се вели во соопштението на СДСМ.