Херојот од Виница, Јован Костадинов, кој од огнот во кочанската дискотека извлече 21 лице, е испишан од болница во одлична состојба, рече утрово Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија. Тој во болница остана седум дена, а од вчера е пуштен на домашно лекување.

„Јован е примен на Клиниката поради белодробни тешкотии, односно поради вдишување зголемени концентрации јаглероден моноксид. Третиран е седум дена. Сосема добро ја прифати терапијата. Во подобрена општа клиничка состојба вчера е испишан, пуштен на домашно лекување со комплетно референтни лабораториски токсиколошки анализи. Препорачано е во наредните седум дена да се направи уште една контрола и мислам дека во наредните два-три месеци сите тие пациенти што вчера ги испишавме, вклучувајќи го и Јован, ќе бидат под наша опсервација за да не пропуштиме нешто. Инаку, Јован е во одлична состојба, си отиде дома нашиот херој“, рече директорот Чибишев.