Јужноафриканскиот џез музичар Муса Манзини, кој свиреше гитара за време на операцијата, успешно се опоравува.

Докторите одлучиле Манзини да биде делумно буден за време на шестчасовната операција на мозокот со цел да му го сочуваат движењето на прстите.

– Таа одлука е донесена бидејќи лекарите ја зедоа предвид мојата музичка кариера – рече Манзини, кој свири на повеќе инструменти и предава на факултет.

Операцијата беше изведена минатата недела во Дурбан од страна на тим неврохирурзи, а додека докторите го оперираа Манзини ги допираше жиците на гитарата.

Туморот кој му се вратил бил поврзан со невролошката состојба што ја имал од 2006 година.

Базил Еникер, кој ја предводеше лекарската екипа, рече дека во овој случај операцијата на пациентот во будна состојба е подобра опција отколку користење целосна анестезија.

– На тој начин успеавме да ја тестираме регијата на мозокот пред отстранувањето на туморот. Тоа ни овозможи отстранување на туморот со минимално оштетување на мозокот- појасни Еникер.

Музичарот им се заблагодари на лекарите што го спасија, притоа истакнувајќи дека наскоро ќе биде подготвен за враќање на сцената.