Македонскиот женски хор Менада со свој исклучителен настап како и ретроспективнтаа изложба на дела од 24 уметници – „Два конца парај“,  вечерва беа првите настани во Белград организирани од Македонскиот културно-информативен центар, јави дописникот на МИА од Белград.

На отворањето за посетители на КИЦ во Белград директорот, Васко Шутаров нагласи дека ова е своевиден мост на поврзување и пријателство помеѓу македонската и српската ликовна уметност и култура.

„Ова ново чедо на македонската културна дипломатија што симболично го отвораме на улицата Македонска број 30, нека биде место каде секој добронамерник ќе ја препознава топлината на македонската емоција, длабочината на македонската лирика и динамизмот на македонското срце што единствено во светот чука во 7/8-ки такт. Силна е емоцијата меѓу македонската и српската култура. Овој центар ќе постои од само една причина – таа силно изразена емоција постојано да ја облагородува и да се множат силни пријателства меѓу македонската и српската култура“, потенцираше Шутаров.

„Овие први чекори на нашето ново чедо немаше да биде стварност ако немавме поддршка од амбасадата на нашата држава во Белград, на Министерството за култура и туризам, на МНР, но и на постојаната топла поддршка на домаќините од сите органи и институции во Србија“.

Македонскиот амбасадор во Белград Никола Тупанчевски наведе дека не било лесно да се стигне до овој момент на почнување со работа на КИЦ во Белград.

„Не беше лесно да се стигне до тука, до отворањето. Актот беше донсен во 2022 година и конечно во фактичка смисла на зборот – да се формира македонски КИЦ во Белград…Кога зборуваат претставници на културата имаат еден многу нежен начин на комуникација. Практично културолозите лесно се разбираат меѓу себе – без задршка бидеќи тоа е еден повисок облик на комуникација. Сето тоа значи афирмација и верификација на вредностите во сферата на уметноста, културата на потврдувањето на вредноста на луѓето“, додаде Тупанчевски.
Официјалното отворање е на 5 мај кога се очекуваат министрите за култура на двете држави.

фото:МИА