Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска попладнево е повикана и однесена во Кривичниот суд.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, без да прецизираат имиња, велат дека во рамки на предметот „Адитив“ од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште три лица, пренесе Тв Телма.

Од ОЈО за КУРИР изјавија:  Во рамките на предметот Адитив од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште три лица. Околу делата што им се ставаат на товар и дејствијата што ги преземале информации во текот на утрешниот ден.

Во криминалот тежок 6.5 МИЛИОНИ ЕВРА инволвираните се сомничат за перење пари, злоупотреба на службена должност и злоупотреба на постапката за јавен повик. Ова се кривичните дела за кои се сомничат 23 лица во акцијата именувана како „Адитив“. Обвинители, истражители и полицајци извршиле 77 претреси во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека издадени се и три наредби до Управата за финансиско разузнавање и низа наредби за обезбедување на податоци до надлежните инститиции и МВР.

Според соопштението од Обвинителството, во период од април минатата година до август годинава, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и Пошта на Македонија, создале криминална група. Тие се сомничат дека свесно ги изиграле правилата за јавни набавки за адитив за јаглен за потребите на РЕК Битола.

„Откако организирале и извршиле пререгистрација на дејност на правните субјекти во нивна сопственост, осомничените управители и сопственици на правни лица, како учесници во постапки (економски оператори), меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј. На начин опишан во диспозитивот на наредбата, овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие Договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, 190.000 кг. за потребите на РЕК Битола и 120.000кг. адитиви RPT 602 за потребите на РЕК Осломеј“ се вели во соопштението.

Во него е наведено дека со тоа осомничените се стекнале со 6,5 милиони евра. Од Обвинителството велат дека акцијата е се уште во тек, дека се собираат материјални докази и дека за дополнителни детали ќе биде известена јавноста во текот на утрешниот ден.