Гласачите гласаа за промена на централно ниво и убеден сум дека сакаат промени и на локално ниво, ќе бидеме фаворити во сите општини, нагласи вечерва првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина Изет Меџити.

-Затоа ние отидовме со друг чекор Влен да биде една платформа, единствени кандидати, единствени листи, ќе одиме во сите општини, сите градови каде гравитираат Албанците и плус тоа ќе излеземе и надвор Влен со независни најквалитетни кандидати. Сега е рано да се кажат имињата. На локалните избори од сега ви кажувам дека Влен ќе биде апсолутен победник во албанскиот кампус. Влен многу добро стои во двата главни гласови каде се концентрирани Албанците – Тетово и Скопје. Ние се консолидираме и веќе правиме стратегија и за Гостивар, за Врапчиште, за Струга, за сите 15 општини. Ние ќе бидеме фаворити во сите општини, истакна Меџити на денешното гостување на „Топ Тема“ на Телевизија Телма.

Најави и дека ќе имаат нивeн кандидат за градоначалник за Куманово и за Скопје. Меџити посочи дека „Влен“ на локалните избори носи демократија, плурализам, борба против корупција, надеж за граѓаните и фокусирање на централизацијата, на подобро образование, на подобро здравство и на капитални инвестиции…

Вицепремиерот нагласи дека од Демократската унија за интеграција првин него го контактирале со цел да ја растурат коалицијата „Влен“.

-Ќе го кажам тука јавно, дека понудата да се вратам во ДУИ, да се расцепка Влен не била прво кај Таравари, туку кај мене. Но видоа дека не поминува тоа. Не директно од ДУИ, туку од посредници. Јас ги читав дека тие имаат мисија. Ми понудија дека Ахмети ќе оди, ќе се пензионира, ќе има ново раководство. Но ги прочитав нив дека тоа е стратегија и мисија како да се подели Влен. И затоа сум убеден. Еве и ова ќе го кажам јавно, полесно јас можам да ги излажам моите поддржувачи, да кажам Артан си избега, има кривична пријава и се реформирало ДУИ и правам напори да ги вратам назад. И не верувам дека тие членови на Таравари кои биле антипод на ДУИ и сега истите кога ДУИ тоне тие да бидат спасувачи на ДУИ, рече тој.

Не одговори дали на средбата кои ја имале тој, Африм Гаши и Биљал Касами со премиерот Христијан Мицкоски му поставиле услов дали сака да останат во Владата тие или Арбен Таравари. Потенцира дека очекува Таравари самиот да си оди од Владата.

-Оваа Влада е принципиелна и е составена врз основа на принципи. И проблемот е тука, ние како Влен расчистивме и покажавме дека нема да толерираме отворен брак- да биде и дел од Влен и да соработува со ДУИ, бидејќи проблемот е во тоа, а не е проблемот дали ќе му дадеме на Таравари четири или шест општини но каде ќе ги носи. Вечерта кога ќе завршат изборите, ние не сме на чисто дали тие општини ќе бидат на Влен или на ДУИ. Тенденција му е да ја врати ДУИ на власт. Веќе тука се косат принципите на Владата. Тоа значи ги отвораме прашањата овие што се гонат за криминал ќе ги спасиме, ќе престанеме со борбата против корупцијата, ќе одиме по тој терк, бидејќи на овој начин индиректно ДУИ е дел од Владата. Веќе Таравари ќе испорачува фактури од ДУИ. Не е проблемот во бројки. И затоа логично произлегува како што нема место во Влен, дури јас очекувам дека тој сам да оди. Штом сака да соработува со ДУИ, можеби ќе има проблем со членството како ќе го објасни тоа. Но многу полегитимно и поискрено е да си оди. Јас очекувам дека тој самиот треба да си оди и да се приклучи таму каде што му е желбата и каде што соработува, рече Меџити.

На прашање за очекувањата доколку Таравари не е со нив, рече дека ќе има прегрупирања.

– Играта не е завршена освен Таравари и другите знаеме да играме, ќе има прегпрупирања, рече Меџити.

Вицепремиерот нагласи дека не оспорува тој да биде лидер на партијата „Влен“, туку како што рече, побитно за него се промените кај Албанците – плурализмот, демократијата во албанскиот кампус.

-Фокус е на локалните избори Влен да ја потврди победата во албанскиот кампус во однос на легитимитетот и другото и граѓаните да ја чувствуваат промената конкретно. Јас во неколку наврати сум кажал дека не оспорувам дека сум еден од кандидатите, но не по секоја цена. Побитно ми е Влен да функционира, Влен да биде главниот фактор. Јас сум човек кој работи во екипа и малку ми е битно дали сум првиот, вториот или третиот. Наскоро ќе има в.д. претседателство на партијата каде што ќе учествуваат четири чинители. Воедно, освен тоа што се топи и станува еден субјект, ние подаваме рака на цивилниот сектор, професионалци, експерти, професори кои не само формално туку може да се најдат на пример на локалните избори како кандидати за градоначалници независни поддржани од Влен, бидејќи сакаме да го дадеме најдоброто од албанскиот кампус најпрофесионалните, најшколуваните и тоа ќе биде дополнителна вредност за Влен. Наредната недела може да се состави претседателството од 23 члена – три политички субјекти Демократско движење, Беса, Алтернатива во седум члена и Ветвендосја (Самоопределување) со Беким Ќоку и уште еден член да бидат дел од претседателството, рече тој.

Меџити потенцира дека најголем дел од членството на Алијанса за Албанците на Таравари сакаат да останат во „Влен“. Посочи дека не може да се минимизира придонесот на Таравари во изборната победа на „Влен“, но не може да се занемари и фактот што тој со излегувањето од коалицијата си ја подели партијата. Тој нагласи дека членството на АА не сака да биде „гума за спасување“ на ДУИ.