Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе престојува во посета на Штип во рамки на која ќе изврши увид во градежни активности на неколку инфраструктурни проекти, а ќе го посети и Универзитетот „Гоце Делчев“.

Мицкоски ќе изврши увид во изградбата на градската магистрална улица од населбата Железничка до м.в. Рибник прва фаза. Вредноста на проектот е 141.000.000 со ДДВ. Средствата од 120.000.000 милиони се обезбедени од Владата преку првиот повик за општините за обезбедување на средства за инфраструктурни проекти, а останатите 21.000.000 милиони се од Општина Штип.

На проектот се работи втор месец и се очекува да биде завршен до септември.

Потоа, Мицкоски ќе изврши увид во работата на булеварот Партизанска за што средствата се обезбедени од Буџет на Општина Штип во износ од 130.000.000 милиони денари.

Во рамки на посетата, тој ќе го посети Универзитетот „Гоце Делчев“, каде свечено ќе биде отворена лабораторијата „Markerspace“ за иновации, истражување и развој, достапна за студентите, академската заедница, стартапите и претставниците на стопанството.

Според агендата, премиерот Мицкоски, ќе ја посети и Општина Карбинци, каде ќе изврши увид во градежни активности за асфалтирање на сервисна улица 5 во селото Таринци, од унгарскиот кредит во висина од 9.2 милиони денари, а остатокот е кофинансирање од општината.