„Кога ќе ви изгласаат интерпелација, зборувам за членовите на Судскиот совет и покрај тоа бегате од одговорност, или се држите до фотелјата, или пак некој од надвор не ви дава да ја пуштите. Тука мислам пред се и на СДСМ и на ДУИ. Луѓе кои жестоко се борат да ја задржат моќта и во судството и во обвинителството со цел да се спасат од постапките коишто гледаме дека се отпочнуваат за нивни поранешни функционери“, прецизираше во своето излагање пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.
Ковачки говореше за членовите на Судски совет, односно истакна дека и покрај изгласана интерпелација тие бегаат од одговорност. Тој е категоричен дека СДСМ и ДУИ преку Судски совет се обидуваат да се спасат од постапките коишто се отпочнуваат за нивни поранешни функционери, и подвлече дека во Македонија е потребно да функционираат законите и правилата.
„Ќе најдеме начин да се избориме и со тоа. Ветивме дека првда мора да донесеме и правда мора да има. Затоа што ако ја немаме правдата и правото ние ќе ја снемаме државата. Тоа е основа, во теорија е тоа така, а гледаме дека и во пракса тоа е така. Ако дозволевме тие да останат на власт, ќе ја уништеа државата. Тешко е, меѓутоа жестоко се бориме и јас верувам дека ќе успееме. Во Македонија е потребно да функционираат законите и правилата“, категоричен е Ковачки.
Ковачки говореше и за уважувањето на жалбата на Асмир Јахоски од страна на Апелационен суд и додаде дека Судски совет не реагирал во врска со овој случај. Тој истакна дека потребни се реформи и испрати јасна порака дека правда мора да има.
„Мора да најдеме излез од оваа ситуација. Да почнеме со оставки на тие што им изгласавме интерпелации и да почнеме со реформи, конечно. Се надевам дека во наредниот период ќе проработи свеста и кај тие лица коишто тоа го прават и ќе бидат свесни дека еден ден ќе има и за нив одговорност. Дека никој не е недопирлив. Така да, треба да знаат и да си водат евиденција, дека еден ден правдата ќе затропа и на нивната врата. Затоа што тоа коешто го прават во моментов е неправда и тоа не е фер кон граѓаните, затоа што од тие граѓани плата земаат и тоа не е фер кон општеството, не е фер кон државата. Затоа што тие работи што во моментов ги прават на крај влегуваат во Извештајот на Европската Комисија, за напредокот на Македонија на одредено поле“, заклучува Ковачки.