Во вечерашното гостување на Сител, министерот Александар Николоски истакна дека амбиција број еден на Владата е да изгради брза пруга на Коридорот 10, од границата со Србија до границата со Грција, од Табановце до Гевгелија. Пругата ќе има две линии, една карго која ќе оди со брзина од 120 километри на час и една патничка со брзина од 160 – 200 километри на час. Карго пругата ќе биде со должина на возови до 750 метри што е максимум секаде во светот и ќе ја направи Македонија многу конкурентна, додека патничката ќе овозможи од Скопје до Солун да се патува за час и половина до час и 40 минути. Кога Србите ќе го завршат својот дел, од Скопје до Белград ќе се патува за 2,5 часа, а од Скопје до Будимпешта за 4,5 часа и од Скопје до Виена за шест часа.
Тој очекува патничката пруга да биде готова за неполни пет години и од 2031 година да биде во функција.
Николоски потсети дека моментно се градат четири автопати, а амбицијата е да се отвори уште еден.