По неуспешниот обид за гласање на недоверба за министерот за внатрешни работи, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски оцени дека „причината за интерпелацијата на Тошковски е стравот од неговата работа – од вистината што излегува на виделина, од кривичните постапки што се водат, од одговорноста што доаѓа“.
Во интервју за КУРИР тој објаснува кои се причините поради кои мнозинството му изгласа доверба на Тошковски.
-Јас бев еден од оние пратеници кои изгласаа доверба за министерот Панче Тошковски затоа што сметам дека работи пред сè професионално, одговорно, мотивирано, во интерес на граѓаните и државата. Под негово водство, МВР покажа резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Она што особено го ценам кај работењето на министерот Тошковски е решителноста во справувањето со организираниот криминал и корупцијата, без разлика на политичките бои. Токму тоа, според мене, е главната причина за страв и паника кај оние кои бараат оставка од него. Интерпелацијата не беше мотивирана од факти, беше мотивирана од паника од вистината која секојдневно излегува на виделина. Ние како претставници на народот имаме одговорност и обврска да ги поддржиме одговорните институции и луѓе кои не се плашат да се борат за правдата, рече тој.
Го прашавме како го оценува однесувањето на пратеничките групи на опозициските СДСМ и Левица во Собранието.
-Однесувањето на пратеничките групи на СДСМ и Левица во Собранието на Република Македонија би го оценил како неодговорно и деструктивно. Наместо да се фокусираат на реалните, суштински прашања во интерес на граѓаните и државата, тие се обидуваат да направат блокада, политички театар и манипулација. Тоа не е реален и демократски пристап туку обид за саботажа кон институциите и работењето на Владата. СДСМ се обидува преку хаос и обвиненија да ја прикрие својата политичка немоќ во која се наоѓаат, но да ја прикрие и својата политичка одговорност од хаосот кој го оставија во државата. Левица, за разлика од нив, употребува порадикална реторика меѓутоа без реални решенија. Тоа што е заедничко за двете партии е тоа што слабо се присутни на работните тела во Собранието. За разлика од нив, ние сме фокусирани на стабилност, одговорност, испорака на конкретни и реални резултати, рече Мицевски во интервју за КУРИР.
Мнозинството во Собранието работи на низа закони за кои вели дека се за доброто на сите граѓани. Мицевски објасни за какви закони станува збор.
-Ние како ВМРО-ДПМНЕ се фокусираме на практични и одговорни решенија кои ќе обезбедат подобар живот за граѓаните. Посветено работиме на закони, закони кои ќе ја ослободат економијата, ќе создадат нови работни места, ќе ја подобрат животната состојба на граѓаните. Работиме и на реформи во образованието и здравството. Закони кои ќе ја стабилизираат државата во контекст на евроинтеграциите. Нашата најголема цел е да ги промениме условите за живот во Република Македонија преку конкретни чекори и прагматични решенија, а не преку гол популизам и празни ветувања, истакна Мицевски.
Есенва во Македонија ќе се одржат локални избори. Пратеникот со кој разговаравме даде коментар – какви се очекувањата од гласањето за нови градоначалници и совети.
-Пред сè очекуваме фер и демократски избори. Очекуваме голема поддршка од граѓаните на локалните избори есента оваа година. Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија која навистина ги слуша потребите на локалните самоуправи и се залага за решавање на нивните проблеми. Со нашата посветеност досега покажавме дека имаме план и визија како да ја подобриме инфраструктурата, образованието, здравството и економијата на локално ниво. Граѓаните ќе имаат јасен избор, сериозна понуда и програма на ВМРО-ДПМНЕ, а ние сме подготвени да покажеме како изгледа реален напредок, а не празни ветувања, истакна тој.