Тоа што се прави после трагедијата во Кочани е селективна етничка, партиска, политичка поларизација за да се заштитат своите по секоја цена, вели бившиот министер и актуелен потпретседател на ДУИ Бујар Османи.
Тој во интервју за РСЕ зборува дека нема договор со Арбен Таравари, за најавените протести, барањето за двојни избори, а нема формална комуникација ни со СДСМ.
На прашањето „зошто ДУИ не излезе на протести кога беше осомничен Артан Груби“, Османи одговара дека ДУИ била сериозна партија:
-Видете, ДУИ е сериозна политичка партија со голема поддршка, силна поддршка и силно влијание. Секоја наша одлука има сериозни реперкусии и ние ги мериме сите наши одлуки, бидејќи не знаеме до каде тие можат да завршат. Има разлики помеѓу поединечни случаи, меѓутоа, повторно ќе кажам, Али Ахмети го спомнал Крешник Бектеши како парадигма на селективната правда, а не како конкретно име кое што би предизвикало протести. И се разбира, секоја одлука поединечно би се анализирала.
Натаму Османи одговара и на прашањето: Зошто ДУИ повторно игра само на етничка карта и пред овие избори? Зошто партијата повеќе не се фокусира на реални проблеми, на пример на економијата, борба против корупцијата, на иселувањето на младите?
– Мислам дека прашањето е погрешно поставено. Зашто Владата не се фокусира на економските прашања, на нормалните прашања, току мора да го укине Балансерот. Мора да оди на моноетнички вработувања, одете во сите последни конкурси во институциите поради укинатиот балансер, имате нула вработување на Албанци во државните институции. Зошто албанскиот јазик исчезнува во државните институции? Зошто Инспекторатот за јазици по секоја цена се убедува да го укинат? Тоа е прашањето. ДУИ реагира на обидот да се нападне темелот на унитарността на државата – Рамковниот договор, историскиот договор помеѓу Македонците и Албанците како треба ова држава да се раководи и да се живее во неа. Така да, тоа е прашањето кое треба да го поставите до владата, вели Османи.